Како падна изборот Гатузо да биде селектор на Италија?

Џенаро Гатузо утрово слета во Рим каде в четврток и официјално ќе биде претставен како нов предводник на италијанската репрезентација. Кој би рекол дека баш Рино ќе го повикаат. Задачата му е многу тешка. Да не дозволи трето фијаско по ред на мундијалските квалификации.

Италијанската фудбалска федерација на Гатузо му одреди приоритетна мисија, а тоа е да го врати достоинството на националниот дрес, кој е прегазен премногу пати во последните години.

Манчини ја избра Саудиска Арабија, а Раниери кој е врзан за Рома одбил. Спалети е отпуштен од Солрот, Нуса и Халанд кои на стадионот Улевал му зададоа фатален хет-трик.

Првиот човек на федерацијата, Габриеле Гравина одлучил уште истата вечер дека мора веднаш да има промени, а работата за Гатузо ја подтурнал Буфон.

Поранешниот тренер на Милан и Наполи е штотуку ослободен од Хајдук Сплит со кој не успеа да ја освои титулата. Следната задача му е пласман на СП 2026.

Тој треба да го згасне огнот за кој Џиџи Буфон зборувал после потопот од Осло. Покрај Манчини и Раниери, се споменуваа Мурињо и поранешниот селектор на Белгија, Доменико Тедеско.

ГРАВИНА СО ИЗБРАНИ ЗБОРОВИ ГО НАЈАВИ ГАТУЗО

„Гатузо е симбол на италијанскиот фудбал. Сината боја за него е како втора кожа. Неговата мотивација, професионализам и искуство ќе бидат фундаментални за да се соочиме на најдобар можен начин со следните задачи. Свесен за важноста на целта што сакаме да ја постигнеме, му се заблагодарувам за неговата достапност и целосната посветеност со која го прифати овој предизвик“, рече првиот човек Фудбалската федерација на Италија.

На презентацијата закажана за в четврток од 11 часот ќе биде и Чезаре Прандели, кој е најавен во стручен штаб заедно со Џанлука Ѕамброта и Симоне Перота.

СИМБОЛИЧНА СЕЛЕКТОРСКА ПЛАТА

Гатузо е повикан да го гаси огнот, а не да заработи големи пари. Се сложил на едногодишен договор со плата од 500.000 евра.

Се работи за човек кој би се фрлил во пламенот и пепелта без страв, како што секогаш го правел тоа во својата кариера, јадејќи прашина ако е потребно.

Тој беше повикан и да ја спасува Пиза од опстанок, како и да го води Офи Крит за време на финансиска криза.

Овој пат добива многу поголема и посериозна улога. Тоа е националниот дрес, каде претходно беше најголем борец во средниот ред и им помагаше на Тоти и Дел Пјеро во битката за трофејот на Мундијалот 2006.

ДЕБИ ВО СЕПТЕМВРИ

Првиот меч му е веќе закажан, а тоа е против Естонија во Бергамо на 5 септември. Три дена подоцна на неутрален терен во Дебрецин ќе се соочи со Израел. 

Два меча по кои Италија ќе знае дали лидерската позиција на Норвешка е достижна или пак ќе треба да се спремат за нов кошмар, а тоа е второ место и плејоф во март 2026.

Пропуштање на трето Светско првенство по ред би било спортска трагедија за оваа фудбалска земја.

Норвежаните се први во група со 12 бода и 4 од 4. Втор е Израел со 6 бода од 3 средби, а Италија има 3 бода, но по само два одиграни меча. Естонија е четврта со 3 бода, а Молдавија последна без ниту еден освоен бод.

18 јуни 2025 - 13:54