Како Бокшиќ го пречекал Станковиќ во Италија по завршувањето на војната?

Лацио одбележа вчера 25 годишнина од она славно Скудето кое го освоија во последно коло, кога Јувентус на дождот во Перуџа, неочекувано загуби со 1:0. Дејан Станковиќ има нешто да раскаже од тоа време.

Летото 1998-ма, Станковиќ како голем талент на Црвена Ѕвезда направи голем трансфер во Серија А. Лацио за него исплати за тоа време високи 24 милиони евра.

Имал само 19 години, бил млад, збунет, без да знае јазик, плус во метропола како Рим и клуб кој се бореше за трофеи со имиња како Неста, Верон, Недвед, Салас, Манчини, Маркеџани...

„Дојдов во Рим, целосно изгубен, без искуство и без никакво познавање на италијанскиот јазик. Војната штотуку заврши, а во редовите на Лацио ме пречека Ален Бокшиќ. Мислев дека нема да сака да разговара со мене, бидејќи тоа беа чудни времиња, никој никого не го сакаше премногу. На првиот тренинг, ми пријде и ми рече:

`Се гледаме по тренинг, на излез од стадионот`.

Не знаев што ме чека, цело време размислував за таа средба. Пред да го напуштам стадионот, му кажав на Синиша што ми кажа Бокшиќ. Синиша само се насмеа и не ми кажа ниту збор. 

Го напуштам стадионот, го гледам Бокшиќ, со торба на грбот и црна торба во рацете. Кога стигнав до него, малку исплашен, ме погледна и рече:

`Ајде да одиме брате малку на провод. Што си стегнат?`

Откако си заминавме, Бокшиќ извади од вреќата неколку пива и ме одведе на прошетка низ град. Подоцна завршивме на вечера во еден престижен ресторан. Ме запозна со градот, обичаите и италијанскиот народ и ми рече дека секогаш можам да му се обратам и дека тој секогаш ќе биде тука за мене.“

Инаку хрватскиот напаѓач, за кој многумина велеа дека ќе станел еден од најдобрите ако не го мачеа повреди, е 8 години постар од Србинот и тој веќе беше во Лацио една сезона претходно.

Двајцата заедно со таа незаборавна и неповторлива банда на Ериксон, освоија многу трофеи како Скудето, Куп на Италија, Супер Куп на Италија, Куп на УЕФА, Куп на Куповите на победниците.

Бокшиќ си замина од Лацио во 2000-та и направи трансфер во Мидлсброу, а Станковиќ остана до 2004-та и беше дел од трампата меѓу Интер и Лацио, во која Пандев се пресели во Рим.

15 мај 2025 - 15:27