Јувентус дал најмногу светски шампиони во историјата

„Старата дама“ има плејада фудбалери кои освојувале златни медали на Европските и Светските првенства, во најголем случај со репрезентацијата на Италија. Зад нив е Баерн Минхен, а следуваат и клубови од Јужна Америка.

„Оваа титула им ја посветувам на сите ’јорганџии’. Пред нас е напорна сезона, треба да бидеме спремни во целост“, рекол после големото финале на Светско првенство Антоан Гризман. Во 2018 година првпат во историјата Светски шампиони станаа фудбалери на Атлетико Мадрид - Лукас Ернандез и Антоан Гризман.

Останатите клубови за кои играат француските репрезентативци веќе имаат во својата клупска историја макар по еден светски првак.

На пример голманот на Тотенхем Уго Лорис стана втор освојувач на Светско злато во историјата на клубот од Лондон (прв бил легендарниот Англичанец Џими Гривз во 1966).

Овие занимливости нè натераа да побараме кои клубови дале најмногу светски шампиони низ историјата:

ЈУВЕНТУС 25
БАЕРН МИНХЕН 24
ИНТЕР 20
РОМА 16
САНТОС 15
ПЕЊАРОЛ (Уругвај) 14
САО ПАУЛО 13
НАСИОНАЛ (Уругвај) 13
БОТАФОГО 11
РЕАЛ МАДРИД 11
БАРСЕЛОНА 11
МИЛАН 10

Како што гледаме од табелата, Јувентус е убедлив лидер. Дури 25 фудбалери кои го носеле црно-белиот дрес освоиле златен медал на Мундијалите. Французинот Блез Матуиди е последен од плејадата фудбалери на Јуве кои освојувале Светско.

Веднаш зад Јувентус е Баерн Минхен. После финалето на „Лужники“ во неделата, на списокот ’баварци’ кои му се израдувале на највредното злато во историјата на спортот се најде и Корентен Толисо.

Најмногу светски прваци во ХХI има Барселона. Неверојатно беше во 2010-та година кога во составот на шампионска Шпанија имаше 7 претставници на каталонскиот клуб.

Бразилците Роналдо (Крузеиро и Интер), Жилмар (Коринтијанс и Сантос), Џалма Сантос (Португеза и Палмеирас) и Кафу (Сао Пауло и Рома), Аргентинецот Пасарела (Ривер Плејт и Фиорентина), Италијанецот Монѕело (Болоња и Рома) и Ферари (Интер и Јувентус) ДВА ПАТИ станале светски шампиони, играјќи секој пат во нов клуб.

Бразилците Пепе, Зито (двајцата од Сантос), Зозимо (Бангу), Гаринча, Диди, Нилтон Сантос (двајцата Ботафого), Италијанецот Меаца (Интер) и Мазети (Рома) ДВА ПАТИ го освоиле Светското првенство и два пати како играчи на еден ист клуб.

Пеле три пати бил Светски првак и дури три пати како играч на Сантос!

Најразновидно е во Реал Мадрид. Негови фудбалери освојувале златни медали на Светско дури во пет различни репрезентации: Франција, Шпанија, Бразил, Германија и Аргентина.

Последните три Мундијали има макар по еден златен фудбалер кој доаѓа од Реал Мадрид, а да не го исклучеа Зидан во 2006, Реал ќе имаше шампион на дури пет Светски првенства.

Неверојатно звучи и податокот дека 22 од 25 фудбалери на Јувентус го освоиле Светското исклучиво со репрезентацијата на Италија.

Подробно за клубовите кои имале најмногу светски шампиони во своите редови:

ЈУВЕНТУС, 25 златни медали од Мундијалите: СП 1934 - Бертолини, Борел, Каљарис, Гомби, Ферари, Монти, Орси, Розета, Варгилиен (Италија); СП 1938: Фони, Рава (Италија); СП 1982: Ѕоф, Кабрини, Џентиле, Ширеа, Тардели, Роси (Италија); СП 1998: Дешам, Зидан (Франција), СП 2006: Буфон, Канаваро, Дел Пјеро, Каморанези, Ѕамброта (Италија); СП 2018: Матуиди (Франција).

БАЕРН, 24: СП 1954 - Бауер (Германија); СП 1974 - Мајер, Брајтнер, Шварценбек, Бекенбауер, Герд Милер, Хенес, Капелман (Германија); СП 1990 - Ројтер, Колер, Аугенталер, Ајман, Фиглер, Тон (Германија); СП 1994 - Жоржињо (Бразил); СП 1998 - Лизаразу (Франција); СП 2014 - Ноер, Швајнштајгер, Милер, Лам, Крос, Геце, Боатенг (Германија); СП 2018 - Толисо (Франција).

ИНТЕР, 20: СП 1934 - Алеманди, Кастелаци, Демариа, Меаца (Италија); СП 1938: Ферари, П. Ферарис, Локатели, Меаца, Олми (сите со Италија); СП 1982 - Бергоми, Марини, Ориали, Алтобели (Италија); СП 1990 - Бреме, Матеус, Клинсман (сите со Германија); СП 2006 - Матераци (Италија).

РОМА, 16: СП 1934 - А. Ферарис, Гуаита, Мазети (Италија); СП 1938 - Донати, Мазети, Монзељо, Серантони (Италија); СП 1982 - Конти (Италија); СП 1990: Фелер, Бертхолд (Германија), СП 1994 - Алдаир (Бразил), СП 1998 - Кандела (Франција); СП 2002 - Кафу (Бразил); СП 2006: Де Роси, Тоти, Перота (сите Италија).

САНТОС, 15 - СП 1958: Пеле, Зито, Пепе (сите Бразил); СП 1962 - Жилмар, Мауро, Зито, Кутињо, Пеле, Пепе, Менгалвио (Бразил); СП 1970 - Карлос Алберто, Клодоалдо, Пеле, Жоел, Еду (Бразил).

ПЕЊАРОЛ, 14 - СП 1930 - Анселмо, Капучини, Фернандез, Гестидо, Риолфо (Уругвај), СП 1950 - Бритос, Гиџа, Гонзалес, Масполи, Мигез, Ортуњо, Скјафино, Варела, Видал (Уругвај)

САО ПАУЛО, 13: СП 1958 - Сани, Де Сорди, Рамос (Бразил); СП 1962 - Белини, Журандир (Бразил); СП 1970 - Жерсон (Бразил); СП 1994 - Ѕети, Кафу, Леонардо, Милер (Бразил); СП 2002 - Белети, Рожерио Сени, Кака (Бразил).

НАСИОНАЛ, 13: СП 1930 - Андраде, Кастро, Кеа, Петроне, Пириз, Рекоба, Салдомбиде, Скароне, Урдинаран (Уругвај); СП 1950 - Гамбета, Пас, Пини, Техера (Уругвај).

БОТАФОГО, 11: СП 1958 - Диди, Гаринча, Нилтон Сантос (сите светски шампиони со Бразил); СП 1962 - Гаринча, Диди, Амарилдо, Загало (Бразил); СП 1970 - Жаирзињо, Роберто, Пауло Сезар (Бразил).

РЕАЛ МАДРИД, 11: СП 1974 - Нецер (Германија); СП 1986 - Валдано (Аргентина); СП 1998 - Карембе (Франција); СП 2002 - Роберто Карлос (Бразил); СП 2010 - Касиљас, Чаби Алонсо, Албиол, Серхио Рамос, Арбелоа (Шпанија); СП 2014 - Кедира (Германија); СП 2018 - Варан (Франција).

БАРСЕЛОНА, 11: СП 1994 - Ромарио (Бразил); СП 2002 - Ривалдо (Бразил); СП 2010 - Пике, Пујол, Иниеста, Чави, Валдез, Бускетс, Педро (Шпанија); СП 2018: Умтити, Дембеле (Франција).

МИЛАН, 10: СП 1934 - Аркари (Италија); СП 1982 - Барези, Коловати (Италија); СП 1998 - Десаи (Франција); СП 2002 - Роке Жуниор (Бразил); СП 2006 - Гатузо, Џилардино, Неста, Инзаги, Пирло (Италија).