Изгоревме во желба за триумф

Македонската фудбалска репрезентација не го издржа притисокот на „Филип Втори" и еуфоријата кај јавноста која се создаде по добрата игра на првите две средби и по втор пат загуби од Хрватска во квалификациите за Светското првенство.

Македонските фудбалери не успеаја да ги повторат добрите игри од Загреб и Глазгов и им подарија подарок на Хрватите кои не импресионираа, но си заминува од Скопје со целиот плен откако ги искористија нашите грешки.

Нервозниот старт на фудбалерите кои се чини подлегнаа под притисокот на 33.000 навивачи на арената „Филип Втори", за среќа не влијаеше на резултатот кој тргна во наша полза во 15-та минута. Тричковски одлично го проигра Агим Ибраими кој се ослободи од Шимуниќ и го совлада Плетикоса за водство од 1:0.

Сепак не го искористивме водството и еуфоријата која се создаде на арената и им дозволивме на Хрватите да ја превземат иницијативата. По притисокот кон голот на Богатинов, хрватските репрезентативци искористија една грешка на целокупната одбрана. Ведран Чорлука беше оставен сам на втората статива по корнерот на Ракитиќ и немаше проблем да израмни на 1:1 во 33-та минута.

Нашите фудбалери повторно беа поактивни на почетокот на второто полувреме, но тоа не не даде никаков резултат. По еден час игра Хрватите повторно казнија уште една наша грешка. Ракитиќ го искористи невниманието на Богатинов кој беше излезен далеку пред голот и го лобуваше од 40 метри за 1:2.

До крајот на натпреварот македонската репрезентација се обиде да направи притисок кон голот на Плетикоса, но Хрватите рутински го зачуваа водството.

За четири дена ја пречекуваме Србија и тоа без капитенот Пандев кој заработи суспензија откако денес доби жолт картон.