Сега во Италија многумина стравуваат од опасноста на бараж двомечот за пласман на Мундијалот. Репрезентацијата на оваа земја само еднаш не учествувала на Светско во историјата.
Ремито на нашите најдобри фудбалери кои одиграа сјаен натпревар на стадионот „Гранде Торино“ придонесоа Италија да ја чека судбина да има условно потежок противник во баражот за Светско 2018. За да го избегнат тоа сценарио, мора да ја победат Албанија во понеделник и да имаат малку среќа.
Системот е таков што најдобрите 8 второпласирани од 9 групи ќе играат во баражот закажан од 9 до 11 ноември со реванши од 12 до 14 ноември. Најлошо второпласираната селекција нема да игра во баражот, а се сметаат резултатите против првата, третата, четрвтата и петтата селекција во групата, не против шестата на табела.
Во моментов деветта, или најлоша меѓу второпласираните е БиХ со 8 бода (со правилото на сметање на бодовите освоени не против последнопласираната) но со меч помалку од другите (вечерва игра против Белгија која се пласираше на Светско).
Ждрепката за баражот која што ќе се одржи на 17. октомври ќе има две групи кои ќе бидат поделени според рејтингот на ФИФА во моментот на завршување на групната фаза во квалификациите за Светско 2018.
Ќе има носители и неносители. За сега не се знае дали Италија ќе биде во првиот шешир при ждрпката иако во моментов се таму заедно со Португалија, Велс и Хрватска. Неносители во моментов се: Северна Ирска, Шведска, Данска и Шкотска. Но работите би можеле да се сменат после последното коло. Ремито со нашите фудбалери им донесе свирежи на Италијанците во Торино а според тамошните медиуми, ниту во соблекувалната не било баш идилично и имало повишени тонови.