Историски Кралски Куп за Трајковски и Ал Фејха кои направија сензација во Саудиска Арабија

Голем ден во кариерата за јунакот од Палермо кој синоќа го прослави првиот трофеј во кариерата, а тоа е воедно прв трофеј во клупската историја и за неговиот тим. На Алекс му тргна да ги изненадува фаворитите.

Ал Фејха испиша фудбалска историја откако во своето 70 годишно постоење кое го одбележува наредната година, го смести во витрините првиот трофеј.

Во финалето на кралскиот Куп во Саудиска Арабија направија сензација, бидејќи успеаа да го совладаат на пенали Ал Хилал, најтрофејниот клуб од оваа земја со вкупно 64 освоени трофеи. Тие се рекордери и по број контитентални трофеи во Азија.

Трајковски одигра 105 минути и не беше меѓу изведувачките на пенали, а мечот заврши 1:1 по што Ал Фејха беше подобар противник од 11 метри славејќи со 3:1.

Колку биле во подредена улога покажува фактот што четирикратниот азиски шампион имал 74% посед на топка.

Најзаслужен за големата победа е искусниот Владимир Стојковиќ кој прими само еден гол во пенал рулетот, а во 120 минути фудбал забележал 5 одбрани.

Ал Фејха го сочинуваат претежно домашни играчи, а од Европа освен Трајковски и 38 годишниот Стојковиќ кој дојде од Партизан и има брането 84 пати за Србија, игра и гркот Панагиотис Тацидис кој го купија од Лече. Ги води српскиот стратег Вук Рашовиќ.

За споредба, Ај Фејха вреди вкупно 10 милиони евра, а во Ал Хилал само Бразилецот Матеус Переира има вредност од 12,5 милиони евра. Вкупната вредност на 17 кратниот првак на Саудиска Арабија изнесува 60 милиони евра.

Ал Хилал пред три месеци играше во полуфиналето од Светското клупско првенство против кој Челси се изнамачи и победи само 1:0 со голот на Лукаку.

Инаку финалето се играше во Џеда, а трофејот се славеше на спектакуларен начин.

Трофејот им го врачи принцот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман.