Триумфот на Милан на тешкото гостување против Аталанта и тоа со пресврт е доказ дека се наоѓаат во најдобриот момент на сезоната. Победија екипа која го порази Јуве 3:0 во Куп и му скина бод во првенство и ја продолжија фантастичната низа на позитивни резултати.
Момците на Џенаро Гатузо немаат пораз во Серија А од 22 декември. Тоа се два месеци или седум кола во кои покрај со Аталанта играа и со Наполи и Рома.
По долго време се качија на четвртата позиција каде во друштво на Интер кој е трети не се нашле во топ 4 од сезоната 2010/2011.
Имаат 42 бода, а во врат им дишат Рома (41), Аталанта (38) и Лацио (38). Има еден интересен податок кој се разбира не е никаква гаранција, туку само мотив плус за Росонерите да ја задржат традицијата, а таа гласи вака:
Во последните 13 наврати кога Милан имал минимум 42 бода по 24 кола, завршувал меѓу првите 4 екипи на табела.
Покрај духот кој по резултатите топло – ладно им се врати во тимот, раководството во јануарскиот преоден рок заврши голема работа со купувањето на Бразилецот Лукас Пакета, но пред сè Кшиштоф Пјонтек кој експлодираше со шест гола на четири средби и веднаш им влезе под кожа на навивачите.
„Дојдоа со голема волја за работа и не побараа ништо. Секогаш даваат 100% од себе, а тоа се гледа на терен“, ги пофали десниот бек Калабрија.
Серијата на Милан има големи шанси да трае вака и тоа до градското дерби на 17 март, бидејќи до тогаш имаат три лесни залаци: Емполи и Сасуоло дома и Киево на гости.
Паралелно се во трка за Купот на Италија каде ги очекува двомеч во полуфиналето со Лацио. Плус за нив е што се растеретија од Лига Европа каде беа елиминирани во групна фаза, а со тоа ќе можат да соберат повеќе енергија во борба за Лига на шампиони.
За Рино Гатузо сезонава е да се биде или не. Последен пат беа во елитата во сезоната 2013/2014.