Роберто Манчини направи кам бек на Меаца на 14 ноември, со цел да и стави крај на кризата која не можеа да ја надминат со Мацари, но нему му оди уште полошо. За 82 дена работа, Интер под негово водство од 12 се издвои на 24 бодови зад лидерот на табелата.
Во ерата на давање три бода за победа во италијанското првенство Интер никогаш немал освоено само 26 бодови по 21 одиграно коло и никогаш не бил толку оддалечен од првиот на табела.
13-та позиција е нивниот втор најлош пласман во историјата по оној во сезоната 1946/1947 кога во овој период од сезоната биле на 14-то место.
Тоа се должи на досегашните 7 порази од Каљари, Фиорентина, Парма, Рома, Удинезе, Торино и Сасуоло. Полоши биле само четири пати и тоа во сезоните 1930/1931, 1955/1956 и 1957/1958 кога во овој период имале 8 порази и во 1946/1947 кога загубиле 9 пати.
Засилувањата на Ерик Тохир кој во овој зимски преоден рок ги донесе Подолски од Арсенал и Шаќири од Баерн Минхен и повратникот Сантон од Њукасл допрва ќе се види колку ќе успеат да му помогнат на клубот за да избега од долниот дел на табелата.
Медиумите сè уште за мислење го бараат Масимо Морати кој неодамна се повлече и од функцијата почесен претседател на клубот.
„Трето место? Подобро заборавете го. Јавноста е поделена за изборот на Манчини? Не знам, можеби, но сигурно тој и Тохир имаат план како да излезат од кризава“, изјави Морати.
Интер во септември оваа сезона го порази на домашен терен Сасуоло со 7:0, а ист беше резултатот и минатата сезона. Во неделата загубија 3:1, а Икарди и Гуарин беа бесни што навивачите не им ги прифатија дресовите.