Играчи кои треба да ја заборават сезонава

Сите го знаеме тоа чувство. Кога треба да ја прифатиш ситуацијата каква што е и да тргнеш од нов почеток. За некои фудбалери таква е тековната сезона, на која треба да заборават што поскоро. А не дека се лоши фудбалери, напротив.

РИКИ ЛАМБЕРТ

Сонот Ливерпул стана кошмар за фудбалерот кој минатото лето дојде на Енфилд од Саутемптон. Напаѓачот можеше да ја смени средината во јануари, но тој одлучи да игра за Ливерпул до јуни кога би требало да побара нов клуб.

РАДАМЕЛ ФАЛКАО

Манчестер Јунајтед сè поретко размислува на крајот од сезоната да плати огромна сума за Колумбиецот, кој е позајмен од Монако. Како играше Фалкао, тешко е дека на Олд Трафорд ќе решат да го одврзат ќесето. „Фалконот“ најверојатно или ќе се врати во Монако или ќе заигра во Шпанија.

РОБЕРТО СОЛДАДО

Шпанецот стана предмет на смеа меѓу љубителите на Премиер лигата на друштвените мрежи и така е од 2013 година кога дојде во Тотенхем. Ќе биде право чудо ако Солдадо и после летово остане во англискиот фудбал.

ЕМАНУЕЛ АДЕБАЈОР

Единствен човек што е среќен од присуството на Солдадо на Вајт Харт Лејн е Адебајор. Со оглед на тоа што Хари Кејн е убедливо најстандарден во нападот, Адебајор и Солдадо се натпреваруваат кој ќе биде послаб конкурент.

ТОМАС ВЕРМАЛЕН

Томас Вермален е фудбалер на Барселона. Навистина е фудбалер на Барселона. Белгиецот толку многу се измачи со повредите, што сезонава нема ниту еден настап за Каталонците. Следната 2015/2016 би требала да биде пресврт во неговата кариера.

АНХЕЛ ДИ МАРИЈА

Манчестер Јунајтед плати многу за Аргентинецот, така што од клубот се решени стрпливо да го почекаат додека не заигра како што играше за Реал. Можеби евентуален пласман на Јунајтед во ЛШ од следната сезона ќе го мотивира Ди Марија?

РОБИН ВАН ПЕРСИ

И покрај присуството на неговиот омилен сонародник Луи ван Гал на клупата, Ван Перси ја игра можеби најслабата сезона откако е во Премиер лигата. За него можеби е време да ја смени средината и да проба да ја оживее кариерата во друго првенство.

ХУАН МАТА

Откако Жозе Мурињо го тргна на страна во Челси а Мата замина во Манчестер, Шпанецот изјави дека на Олд Трафорд доаѓа со големи мотиви. Сепак после само неколку месеци, Мата е резерва и кај Луи ван Гал. Ќе го смени ли и тој дресот на крајот од сезонава?