Ибраими: Шкендија претставува симбол на сите албански територии

Реноминарниот италијански весник Кориере дела Сера во пресрет на утрешниот меч од плејофот во ЛЕ, на интервју го седна Бесарт Ибраими кој го претстави како најголема опасност за Милан. Тој вели дека не се плаши од никој и дека сите Албанци во светот навиваат за Шкендија.

Бесарт Ибраими, кој следниот 17 декември ќе наполни 31 година е еден од најважни играчи на Шкендија кој ќе се соочи со Милан на Монтела во плејофот од Лига Европа. Се работи за напаѓач со многу висок процент на оценки во својот клуб, со 46 гола на 63 средби во Прва македонска лига, кој на 12 средби за репрезентација е без постигнат гол. Со 9 гола тој е најдобар стрелец за својот тим во европските натпреварувања на сите времиња, пишува Кориере дела Сера.
 
Кои се вашите чувства во пресрет на првиот меч против Милан?
 
Да се игра против еден голем клуб како Милан, чувствата се одлични. На денот на извлекувањето на ждрепката, многу од нас за противник го посакуваат токму овој клуб. Тоа е сон кој се оствари. Навистина сме среќни што имаме можност да играме во плејофот токму против нив.
 
Шкендија ја претставува албанската популација во Македнија. Какво е значењето да бидете знаменосец на својот народ?
 
За мене е големо задоволство, а и чест. Ги оставам политичките прашања на други, затоа што ние сме само фудбалери, но можам да кажам дека се чувствувам Албанец и горд сум поради тоа. Покрај тоа, многу од моите сонародници се навивачи на Милан и ова ќе му даде уште поголем вкус на мечот.

Вашите навивачи Балисти се познати низ цела Европа по својата топлина, колку ќе биде одлучувачка нивната поддршка на Сан Сиро и пред се на реваншот во Македонија?
 
Ние ги сметаме како 12-ти играч на терен, секогаш нè поддржуваат, на секој меч од прва до последна минута. Сметаме многу на нивната поддршка за мечот во Милано и сигурен сум дека многу од нив ќе бидат присутни и во Скопје, каде треба да го играме реваншот. Нашиот стадион Еколог арена во Тетово не е приспособен за меч од ваков тип.
 
Блерим Џемаили скоро на Твитер ја даде својата поддршка за Шкендија. Што значи за вас тоа што ќе имате поддршка и од Дарко Панчев?
 
Шкендија претставува симбол на сите албански територии и секој Албанец во било кој дел од светот навива за нашиот тим. Се разбира дека е задоволство и сме среќни што големи играчи и една вистинска легенда за македонскиот фудбал како Дарко Панчев, навива за нас.
 
Имавте можност да се запознаете од близу со големиот европски фудбал, играјќи во Шалке. Какви сеќавања имате од тоа искуство?
 
Во мене сè уште живее сеќавањето од моето деби во Бундеслигата против Фрајбург. Тоа искуство ми помогна многу да растам како фудбалер и како професионалец. Иако играв малку во Германија, сепак не се каам. Сè што се случува во животот претставува желба од Господ.

Од кои играчи на Милан се плашите најмногу? Каков пристап ќе имате на првиот натпревар?
 
Не се плашам од ниту еден противник и сигурно дека имам голем респект спрема нив, бидејќи сите се големи играчи.
 
Во проценти, колкава можност мислите дека имате за да го минете Милан?
 
Не давам прогнози, можам само да кажам дека ќе го дадеме максимумот, свесни за противникот кој го имаме.

Виа

16 август 2017 - 14:50