Колумна

И пак ќе се вратиме во Келн!

Вардар е убедливо најконстантен клуб во Лигата на Шампионите, а одбраната е толку проклето добра да на 10 натпревари во ЛШ прими само 224 голови. Не треба да се грижиме за тоа што ќе биде утре, туку треба да им ја дадеме целата поддршка на момците да го направат тоа што никој друг до сега не го направил. Да ја извезат таа втора златна ѕвездичка на дресот.

Деновиве ги поминувам на женското светско првенство во ракомет што се одржува во Германија. Иако првенството е женско, секогаш едно светско првенство претставува можност да се соберат сите познати луѓе од светот на ракометот и евентот го користат како платформа за размена на мислења. Во понеделникот, германските медиуми објавија дека Мијајло Марсениќ потпишал за Фуксе Берлин, горди на тоа дека освојувач на Лигата на Шампионите ќе го облече дресот на хипстерскиот клуб од Берлин.

Мијајло е само уште еден играч во низата. Претходно своето заминување на крајот на сезоната го потврдија Лука Циндриќ во Киелце, Арпад Штербик во Веспрем, Илија Абутовиќ во Рајн Некар...се шпекулира дека и шпанската струја заради своите пубави половини сака да замине во Германија. Нормално, веројатно на правите Вардарци најтешко им падна потврдата на заминувањето на “Ел Команданте” Раул во ПСЖ. Всушност толку играчи си отидоа, да најголем дел од луѓето овде ме прашува како мислиме да играме догодина и што ќе биде со клубот во иднина. Тука е и поентата на мојата колумна. Да ја оставиме малце иднината, и ајде да зборуваме за сегашноста...или ајде да уживаме во сегашноста.

Имав прилика со истите тие луѓе што ме прашуваат за наредната сезона да го проследам натпреварот против Кристианстад. Шампионот на Шведска беше толку инфериорен во Скопје да изгледаше залутано во натпреварување како Лигата на Шампионите. Истата таа екипа која во Барцелона изгуби на една топка, во Скопје беше однесена како бандера во поплавата од 1963-та. Постигна 15 голови....исто онолку колку што против Вардар постигнува еден Радовиш. (со целата почит кон нив). Одбраната на Вардар е толку проклето добра да на 10 натпревари во ЛШ прими само 224 голови. Чисто за споредба, втора најдобра одбрана има Кил со речиси 40 голови повеќе. Тешко е да се најдат зборови да се опише чуството, но задоволство е да се гледа колку Вардар е доминантен во Лигата на Шампионите оваа сезона.

Трите конкуренти во групата, Барцелона, Рајн Некар и Нант не само што беа послаби, (без воопшто да сакам да покажам непочит кон нив) беа НЕДОРАСНАТИ противници за Вардар. Ало! Барцелона...деветкратен Европски Првак...Рајн Некар...првак на Германија. Од Скопје не си отидоа со десетка чисто заради милоста на Вардар и желбата на Раул да експериментира со помладите во завршницата на натпреварите. Вардар е убедливо најконстантен клуб во Лигата на Шампионите и единствен што има тактички решенија во ситуација кога мора да го менува концептот на игра заради повреди на играчите. Сетете се само како Карачиќ го уништиваше Рајн Некар во Скопје во отсуство на Циндриќ. Дури и кога Вардар беше најслаб, во Манхајм, првакот на Германија не беше доволно добар да го победи.

Минатата година иако знаев дека според квалитетот Вардар тоа го заслужува, се плашев за пласманот во Келн. Оваа година ќе биде сензација ако Вардар не се најде таму. Иако е рано да се зборува, екипите може сосема различно да играат после Европското Првенство во јануари, според мене единствена екипа која може да го надигра Вардар играчки оваа сезона е МОЖЕБИ Париз. Повторувам - МОЖЕБИ! Имаат премногу добри играчи кои можат да решат натпревар на сув квалитет, иако и против нив би биле тактички супериорни. Сердарушиќ во Кил го создаде модерниот ракомет, но Ел Команданте за него е тактички гениј. Верувајте, не се другите слаби. Безобразно е колку е силен Вардар.

Затоа во моментов треба да заборавиме на иднината и да уживаме во сегашноста. Не треба да се грижиме за тоа што ќе биде утре туку треба да им ја дадеме целата подршка на момците да го направат тоа што никој друг до сега не го направил. Да ја одбранат титулата во Лигата на Шампионите. Да го направат Вардар единствен. Да ја извезат таа втора златна ѕвездичка на дресот. Велат дека малку работи во природата се убави како ведро ѕвездено небо. Можеби, но секогаш кога ќе ја видам таа златна ѕвезда на Вардаровиот грб, таа за мене ќе биде посјајна и поубава од сите ѕвезди на небото. Во моментов во Скопје се игра најдобриот ракомет на планетава. И треба да сме проклето горди на тоа.

А за иднината...па за неа не треба да се плашиме. Вардар како ракометен колектив ја има убедливо најдобрата структура во регионот. Со една правилна и мудра клупска политика, дури и со намален буџет ќе биде магнет за најдобрите млади играчи во регионот. Ниту еден друг клуб, па дури ни некогашната перјаница на Балканот, Загреб не може на играч да му ги понуди условите за развој и инфратруктурата која ја има Вардар. Кој може да му замери на Раул Гонзалес за желбата да се проба во најмоќниот клуб на светот? Немојте да заборавите, кога Раул Гонзалес дојде во Вардар беше само помошникот на Талант Душебаев...Кој вели дека Давис не може да го направи истото? Ако остане во Скопје, како што се шпекулира, зарем не ја заслужува таа шанса? Зарем не е најдобриот кандидат да ја продолжи филозофијата на игра која Вардар ја негуваше под палката на Командантот. Кој може да им замери на играчите за желбата да го повторат подвигот во нови средини. Такви работи се нормални во спортот. Штербик е веројатно најдобриот голман на светот, но ниту едно име кое стои над бројката на дресот не е потешко од името кое стои на градите. Колку и да е се големи Циндриќ, Штербик, Абутовиќ ниту еден од нив не е поголем од Вардар. А Вардар...Вардар пак ќе се врати во Келн и после 2018-та. Верувајте ми на зборот. Единствено ми е криво што никогаш нема да биде толку слатко како оној 4 јуни 2017!

П.С. Очигледно темава е толку озбилна, да за првпат тастатуратa ме водеше на литературно наместо на скопски.

Таки Бошкоски

6 декември 2017 - 14:20