По поразот од Победа на игралиштето во прилепскиот крај Могила, Вардар одново изгуби чекор во борбата за титулата со Шкендија. Тренерот Јаневски, дел од играчите а и дел од медиумите не можеа а да не го спомнат наводно лошиот терен во Могила, мислиш домаќинот играл на сосема друг терен.
„Како за нив, така и за нас“, кратко изјави стратегот на Победа, Славољуб Бубања.
Во англискиот Лига Куп во вторникот Арсенал и Манчестер Сити се изнамачија со аутсајдерите Норвич и Вулверхемптон. Првите поминаа во продолженија а вторите на пенали. Првпат сезонава Сити одигра 120 и кусур минути без да даде ниеден гол, а тренерот Гвардиола за тоа ја кривел топката со која се игра Купот.
Кои се најсмешните оправдувања во светот на фудбалот?
10. Генетика на Шкотланѓаните
Доскорешниот селектор на Шкотска Гордон Страхан го цитирал Чарлс Дарвин кога го прашале за промашените квалификации за Светско 2018 во Русија.
По ремито 2:2 со Словенија Страхан изјавил: „Генетски сме поназад од другите. Во последните квалификации бевме втората најмалечка по раст репрезентација, надминувајќи ја и Шпанија. Од генетска гледна точка мора да направиме чекор понапред, на пример да поврзуваме многу високи мажи и жени и да видиме што ќе се случи“.
9. Крекање на жабите
На Светското 2006, дефанзивецот на Украина Владислав Васчук се правдал по дебаклот од Шпанија 0-4 (Васчук тогаш доби црвен картон и беше исклучен), со зборовите дека репрезентацијата не можела да се одмори поради крекањето на жабите пред хотелот ноќта пред мечот.
Брзо стигнал одговор од персоналот на хотелот: „Близу нашиот хотел има и птици, дали треба да одиме секое сабајле да ги стишуваме“?
8. Многу напумпан фудбал
За Гвардиола и Тур топката од Лига Купот била „многу лесна - балонка“, додека за Кени Даглиш во 1998 година таа била „пренапумпана“. Даглиш се жалел на топката по ремито во ФА Купот на неговиот Њукасл против Стивинеџ. После изгледа проблемот бил решен затоа што во реваншот Њукасл славел со 2-1.
7. Топкава балонка
Вулверхемптон, тимот од втората англиска лига Чемпионшип стана првата екипа сезонава што успеала да го сопре Манчестер Сити кој после 120 минути игра не успеа да даде гол и мечот отиде на пенали.
Оправдувањето на Гвариола за презентацијата на своите? Топката не чинела. „Неприфатливо е за натпревар на ова ниво волку лесна топка. Не барам оправдувања, ама сите мои играчи се пожалија на фудбалот, не е можно да се даде гол со ваква топка“.
6. Шарени дресови на риги
Во 1996 година Алекс Фергусон ги натерал своите играчи да ги сменат дресовите на паузата откако на полувреме губеле 3-0! Според легендарниот тренер на „Црвените ѓаволи“, неговите не можеле да се најдат на теренот поради шарените дресови. Играчите се пресоблекле а мечот завршил 3-1.
5. Многу зелен терен
Како тренерот на Вест Хем Славен Билиќ да се инспирирал од Фергусон и неговото оправдание кога годинава изјавил: „Нашиот терен на Лондон Стадион? Многу е зелен теренот, кога си на терен не можеш ни да ја раздвоиш аут линијата, гледаш многу простор пред тебе и тоа те деморализира“.
4. Малку деца што собираат топки
Жозе Мурињо е голем стратег, но често знае да привлече внимание по слабиот настап на неговите екипи. Легендарен испад имаше во 2011 година кога изгуби во Супер Купот од Барса. „Немаше деца што фаќаат топки во второто полувреме. Не е оправдување ова, факт е.“
3. Отстранета статуа
Кога беше сопственик на Фулам, Мохамед Ал-Фаед наложи пред стадионот „Кревен Котиџ“ да се подигне статуа на Мајкл Џексон. Според Ал-Фаед тоа што новиот сопственик Шахид Кан решил да ја тргне статуата било причина за испаѓањето во сезоната 2013-2014: „Споменикот носеше среќа и Тотенхем ја плати цената на неговото отстранување“.
2. Многу играв со џојстик
По трите кардинални грешки против Њукасл во 1997 година, тогашниот голман на Ливерпул Дејвид Џејмс се правдал вака: „Зависник сум од видео-игри, многу играв Tekken и Tomb Raider. Затоа не бранев баш најдобро денес.“
Интересно оправдување но тешко е да се поверува дека прекарот Каламити Џејмс го зработил поради многу часа минати со плејстејшн.
1. Штуцните на Панучи
За време на Европското 2004, Панучи се обиде да се правда за катастрофалната игра против Данска (0-0, таа беше прва средба на Еврото) со изјава за штуцните: „Материјалот беше многу груб, ми се направија плускавци и не можев да трчам.“
Гатузо не чекал многу и рекол: „Не ме смејте со приказнава за штуцните ве молам, во Кенија трчаат по сто километри боси.“