Хит во Африка - лев бек бранеше врвно како голман, Комори пружија херојски отпор со играч помалку против Камерун

Репрезентацијата на домаќинот на Купот на Африка Камерун пред 60.000 свои гледачи едвај ја совлада храбрата селекција на Коморски Острови со 2-1 (1-0). Ривалот немаше голман па им бранеше лев бек, а со девет играчи во поле створија неколку сериозни шанси.

Коморски острови е земја со околу 850.000 жители, најмалку бројна нација со свој претставник на Купот на Африка 2022.

Комори сензационално поминаа групна фаза и стигнаа до 1/8 финале каде им се испречи фаворитот број 1 на Купот на Африка, домаќинот, поддржуван од многу страни - Камерун.

Пред мечот дознале дека останале без прав голман, на меѓу стативите застана левиот бек Шакер Алхадур. Тој е висок 172 сантиметри.

ШТО СЕ СЛУЧИЛО? ЗОШТО КОМОРИ НЕМАШЕ НИЕДЕН ГОЛМАН?

Во неделата во репрезентацијата на Коморски Острови имало 12 позитивни теста - 7 од нив биле фудбалери а меѓу нив и голманите Али Ахамад и Мојад Усеини. Претходно првиот голман во екипата Сал Бен Буана се повретил на првиот меч на Купот на Африка против Гана кога Андре Ајо грубо го фаулираше и доби црвен картон.

Според правилникот, ако една селекција има 11 играчи со негативен тест, тогаш може и мора да игра дури и ако нема прав голман. Него ќе го замени играч од поле.

Голманот Али Ахамад во понеделникот имал негативен тест, но ковид протоколот го спречил да брани зошто позитивните морале да одат во 5-дневна изолација.

ХЕРОЈОТ НА ПРИКАЗНАТА - ЛЕВИОТ БЕК КОЈ ИГРАШЕ СО ПРЕЛЕПЕН БРОЈ НА ДРЕСОТ

На голот застана левиот бек Шакер Алхадур кој во кариерата играл за француските клубови Нант и Кан во Лига 1, а во последните години се спуштил во Лига 2: четири сезони за Шатору, а од 2021 настапува во Ајачио (само четири минути одиграл во сезонава 2021/2022).

Ал Хадур добил дрес од втората гарнитура но наместо бројот 16 на грбот, му го прелепиле неговиот број 3.

Му спремиле дрес со број 16 и неговото презиме, но подоцна сфатиле дека под тој број на турнирот е регистриран голманот Мојад Усеини па морале да го прелепуваат.

Без прав голман мораа да играат против најдобриот напад на турнирот - Камерунците постигнаа 7 гола во група со Буркина Фасо, Капе Верде и Етиопија. Во составот фаворитот ги има големите стрелци: Венсан Абубакар (некогашен најдобар шпиц на Порто, 5 гола досега на Куп на Африка), Ерик-Шупо Мотинг (Баерн Минхен), Карл Токо Екамби (Лион, најдобар стрелец во Лига Европа 2021/2022), Андре Франк Замбо Ангиса (Наполи).

За малерот по Комори да биде поголем, уште на почеток во 6' минута нивниот капитен Надим Абдул доби директен црвен картон после гледање ВАР, па капитенската лента ја зема фудбалерот на Црвена звезда, Ел Фарду Бен.

Со 10 играчи, 9 во поле, гостите храбро и јуначки се бореа против далеку посилен противник пред 60.000 гледачи. И не само тоа, туку и создадоа неколку сериозни шанси со чисти зицери, а нивниот лев бек бранеше лудо на својот гол иако никогаш претходно не облекол ракавици.

Во 29' минута Камерунците го скршија отпорот преку Карл Токо Екамби, а подоцна Алхадур имаше бравурозни интервенции и запиша четири чисти одбрани: им фати зицери на Винсент Абубакар два пати и еднаш на Николас Муми кога топката веќе беше видена во гол.

Иако во 70' минута Абубакар зголеми на 2-0, гостите не се предаваа и во 81' минута Јусуф М'Чангама постигна неверојатен еврогол од слободен удар од скоро 40 метри!

До крајот гостите веќе изморени тргнаа по израмнување и имаа неколку стопостотни шанси но не успеаа. Прилично спорно беше и судењето, арбитрите често навлекуваа на страна на фаворизираниот домаќин, а и покрај многуте долги прекини, судијата даде само 3 минути продолжение а свирна крај во 92:54 минута кога Комори тргнаа во контра 3 на 3.

 Шакер Алхадур имал 4 одбрани од 6 удари кон неговиот гол, 52 пати имал контакт со топката, еднаш ја боксувал надвор од својот шеснаесетник и имал 42 додавања.

На крајот Камерун победи 2-1 и во четвртфинале ќе игра против Гамбија која со 1:0 ја совлада Гвинеја.

Хајлајтс кој просто треба да се изгледа:

25 јануари 2022 - 08:13