ЕУРО 1960 - Лев Јашин (СССР)
Првиот шампионат на Европа беше одбележан од Советскиот сојуз и Лев Јашин. До тој момент легендарниот голман ги освои сите можни индивидуални признанија и стана олимписки шампион, а на Европското првенство беше најзаслужен за титулата на СССР. Лев Јашин е првиот и единствен голмано кој ја освои „Златната топка".
ЕУРО 1964 - Луис Суарез (Шпанија)
Во тој период беше чудно за фудбалерите да прават трансфери во странство, па Суарез беше исвиркуван од Шпанците откако премина во Интер. Но тоа беше дополнителна мотивација за фудбалерот од средниот ред кој во полуфиналето и финалето постигна три гола и повторно стана херој во Шпанија.
ЕУРО 1968 - Дино Ѕоф (Италија)
Неверојатниот голман кој е познат по тоа што како капитен на Италија го подигна трофејот од СП во 1982-та, стекна слава уште 14 години претходно откако успеа да ја сочува својата мрежа во полуфиналето против СССР и финалето против Југославија.
ЕУРО 1972 - Герд Милер (Западна Германија)
Сите останати стрелци на Европското првенство во 1972-та година постигнаа најмногу по еден гол, а Герд Милер четири пати ги тресеше противничките мрежи. Два од головите беа на финалето против СССР со што Милер стана херој за Германците.
ЕУРО 1976 - Дитер Милер (З. Германија)
Дебитантот Дитер Милер во полуфиналето го постигна првиот хет-трик во историјата на Европските првенства. Во финалето тој повторно се запиша во листата на стрелци, но неговата репрезентација загуби од Чехословачка на пенали.
ЕУРО 1980 - Карл-Хајнц Румениге (З. Германија)
Германците доминираа на Европското првенство во 1980-та година, а вистински лидер на репрезентацијата беше Карл-Хајнц Румениге.
ЕУРО 1984 - Мишел Платини (Франција)
Франција за прв пат стана шампион на Европа, а Европското првенство го одбележа сегашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини кој постигна неверојатни девет гола.
ЕУРО 1988 - Марко Ван Бастен (Холандија)
Предводени од Гулит, Куман и Рајкард, репрезентацијата на Холандија ја освои титулата на Европското првенство во 1988-та година, а „страшната" холандска генерација беше надополнета со Марко ван Бастен. Тој реализираше хет-трик против Англија, гол во полуфиналето против Германија, а во финалето против Советскиот Сојуз го постигна и еден од најубавите голови во историјата на Европските првенства.
ЕУРО 1992 - Петер Шмајхел (Данска)
Данците се пласираа на турнирот благодарение на суспензијата на Југославија, а сензационалниот триумф немаше да биде возможен без неверојатниот голман Петер Шмајхел. Тој ја сочува мрежата против Англија, одбрани пенали во полуфиналето со Холандија и не прими гол во финалето против Германија.
ЕУРО 1996 - Матиас Замер (Германија)
Германците ја освоија третата титула најмногу благодарение на Матиас Замер. Тој беше предводник на оваа силна генерација и заслужено ја освои наградата за најдобар фудбалер на турнирот, како и „Златната топка" истата година.
ЕУРО 2000 - Зинедин Зидан (Франција)
Актуелниот шампион од Светското првенство во 1998-та година, репрезентацијата на Франција, ја покори и Европа во 2000-та година. Еден од најдобрите фудбалери од средниот ред на сите времиња, Зинедин Зидан блесна во сиот свој сјај на ова Европско првенство.
ЕУРО 2004 - Теодорос Загоракис
Грција беше сензација на првенството, најмногу по заслугите на селекторот Рехагел, голманот Никополидис и Теодорос Загоракис. Искусниот дефанзивен халф го блокираше централниот дел од теренот и ги неутрализираше противничките плејмејкери.
ЕУРО 2008 - Чави (Шпанија)
Непобедливата шпанска армада прими само три гола на Европското првенство и тоа ниту еден во нокаут фазата. Главен мотор во шампионскиот тим беше каталонецот Чави Ернандез. На крајот од првенството тој заслужено ја доби наградата за најдобар играч на ЕУРО 2008.
ЕУРО 2012 - ???