Гвардиола дал 150.000 евра за ремонт на бродот кој спасува мигранти на отворено море

Трофејниот стратег важи за еден од најелегнанто дотерани тренери во Европа, а на мечот со Њукасл на Боксинг Деј носеше блузон на Open Arms и ја заинтригира јавноста.

Опен Армс е шпанска невладина организација која спроведува спасувачки мисии во Средоземно море, им помага на мигрантите кои во најтешки услови се обидуваат да стигнат до Европа.

Во 2018-та година Гвардиола дал средства за ремонт на главниот брод на оваа организација со кој се помагаат луѓето од Северна Африка во случај на бура на отворено море или превртени гумени чамци со кои се превезуваат мигрантите.

Најголемиот брод на организацијата неколку недели бил закотвен во Италија и му требал сериозен ремонт. Претставниците на Опен Армс почнале со акција за собирање средства за поправка на бродот.

Пеп дал 150.000 евра.

„Гвардиола ни се обрати и понуди помош во размер од 150.000 евра од свој џеб“, рекол Оскар Кампс, основачот на Опен Армс кој додал и дека поддршката на другите спортисти кои исто така помогнале парично, им помогнала да го вратат бродот на работа.

29 декември 2020 - 12:47