Новиот прволигашки клуб денеска ги најави плановите за престојната сезона, како и проектите за идната година, а во име на „Академија Пандев“ зборуваше токму основачот и главниот спонзор, Горан Пандев заедно со Илија Матеничаров, Југослав Тренчовски и Дарко Костовски кои се членови на Управниот одбор на клубот.
Иако првичните цели им беа пронаоѓање и работа со младите таленти, сепак овој клуб оформен во 2010-та, за кусо време од пониските лиги, успеа да изгради тим кој наскоро ќе го гледаме во својата деби сезона во првата македонска фудбалска лига.
„Наша цел ќе биде да промовираме млади играчи. да станеме стабилен прволигаш, па во иднина да се бориме за Европа. Имаме стабилен буџет, а во преговори сме и со спонзори. Со три до четири засилувања ќе играме добра улога во елитата. За нас претставува еден голем успех што по седум години постоење влеговме во Првата лига. Сигурно најзаслужни за ова се сите во клубот. Нашата цел на стартот беше да вложуваме многу во младите категории, да ги испраќаме децата на вистински пат, но еве, по некоја година создадовме прв тим и среќни сме што сме во елитата. Се надеваме дека ќе бидеме еден стабилен прволигаш, кој ќе создава кадар предводен од младите. Академија Пандев ќе биде успешен проект и за нашата репрезентација“, изјави Пандев.
„Академија Пандев“ следната година ќе добие нов модерен спортски центар кој се очекува да биде завршен до март 2018-та. Целиот проект кој се гради во Струмица ќе чини 4,6 милиони евра.
Од другите новитети најавија дека следната година ќе се формира Горан Пандев Куп со 144 екипи во девет генерации, потоа кампови и школи во повеќе градови низ Македонија.
„Академија Пандев“ го промовираше и новото лого, новиот дрес, а во проектите за следната година е планиран и фан шоп.
Пред стартот на нивната деби сезона во Прва лига, фудбалерите на 9 јули заминуваат на подготовки во Банско каде веќе се закажани шест пријателски средби.
Од академијата на нашиот славен напаѓач потенцираа дека веќе 15 нивни деца се репрезентативци на Македонија.