Голман во Северна Ирска дебитирал на 14 години

Ако си доволно добар, тогаш си и доволно голем е една од честите фрази во спортскиот речник која што ирскиот прволигаш Глеванон ФЦ ја земал здраво за готово.

Конер Бирн на само 14 години дебитирал за тимот од градот Лурган (25.069 жители) во Северна Ирска и тоа во дербито против најголемиот ривал Портадаун во понеделникот вечерта. Шефот на академијата на Глеванон, Рајан Прентис рекол дека бил презадоволен што тинејџерот бил препознаен како голем талент од тренерот на првиот тим Гери Хамилтон.

Прентис додава дека младите се спремни да одговорат на физичките предизвици на модерниот фудбал:

„Мислам дека е фантастично за играч како Конер да заигра во првиот тим уште сега а тренерот треба да добие кредит за тоа што верува во младите и им дава шанса, што не се случува често во другите клубови. Тој е висок, храбар и многу посветен на тренингот. Секојдневно работи напорно со тренерите“, вели Прентис за БиБиСи.

Меѓу другите таленти во екипата се и 18 годишниот Боби Брнс кој веќе дебитирал за сениорите како и 20-годишниот Марк Сајкс, играчи кои се многу постари од малиот Конер.

Еден од најпознатите голмани во историјата на Северна Ирска и воопшто Велика Британија, Пат Џенингс имал 18 години кога ја почнал фудбалската кариера во англиски Вотфорд. Шокантно беше и дебито на младиот Џанлуиџи Донарума кој на 16 години застана на голот на Милан и веќе три сезони не мрднал од местото прв голман.

За малиот Конер интерес веќе пројавиле некои англиски премиерлигаши.

 

29 ноември 2017 - 15:13