Голгетерите кои оставија голем белег

Не се работи ниту за Меси, Фалкао, Роналдо или Кавани, туку за напаѓачите кои не ги гледате на насловните страници во весниците, но постојано ги полнат мрежите. На оваа листа ќе ги запознаете најдобрите 10 стрелци во првенствата каде што настапуваат, а повеќе од нив се и шампиони со своите екипи.

Џексон Мартинез (Порто)

Наследникот на Радамел Фалкао и негов сонародник од Колумбија блесна во неговата прва сезона во Европа. На 30 првенствени меча постигна 26 гола, ја прослави шампионската титула, а постигна 3 гола и во Лигата на шампионите.

Вилфред Бони (Витезе)

24 годишниот напаѓач од Брегот на Слоновата коска имаше фантастична сезона во тимот на Витезе. Тој е впрочем најдобар стрелец во холандското првенство со 31 погодок на 30 меча и постигна вкупно 40 на сите натпреварувања.

Хенрих Мехтирајан (Шахтар Донетцк)

Уште еден најдобар стрелец во сезоната што измина овој пат од украинското првенство. Хенрих Мехтирајан е член на репрезентацијата на Ерменија и со своите 25 гола беше незапирлив во шампионскиот состав на Шахтар.

Филип Хосинер (Австрија Виена)

Филип Хосинер блесна во дресот на Австрија Виена и во неговата прва сезона за овој тим успеа да ја освои шампионската титула и да стане најдобар стрелец во шампионатот со фантастични 32 гола.

Бурак Јилмаз (Галатасарај)

Шампионска титула и најдобар стрелец во првенството стои зад името и на Бурак Јилмаз. Ова име кое е незаменливо во нападот на Галатасарај ви е најмногу познато од настапите во Лигата на шампионите каде на 9 меча постигна 8 погодоци.

Рафик Дебур (Олимпијакос)

Алжирскиот фудбалер е најдобар стрелец во грчкото првенство со 20 гола на 25 меча, а сезонава се закити со титула со неговиот Олимпијакос.

Стефан Кислинг (Баер Леверкузен)

29 годишниот Кислинг му избега на Левандовски за еден гол и со 25 погодоци е најдобар стрелец во Бундес лигата. Со екипата на Леверкузен тој го освои третото место на табелата кое директно води во Лигата на шампионите.

Пол Русеску (Стеауа Букурешт)

Екипата на Стеауа ја врати шампионската титула во Романија по 7 години, а најзаслужен за тоа е 24 годишниот голгетер Русеску со своите 20 погодоци и 9 асистенции. Романскиот претставник стигна до осминафиналето од Лигата на Европа, а Русеску постигна 4 гола и 3 асистенции.

Давид Лафата (Спарта Прага)

Трета година по ред 31 годишниот Лафата е најдобар стрелец во чешкото првенство. Оваа сезона постигна 20 гола.

Карлос Бака (Клуб Бриж)

Екипата на Клуб Бриж го освои четвртото место во белгиското првенсто, но во своите редови го има најдобриот стрелец кој постигна 25 гола

31 мај 2013 - 18:42