„Боже, колку се мразам себеси. Патот до рајот беше прекраток. Вчера ти си крал: се чуствуваш дека можеш да кренеш планина, свежи идеи ти одат во глава како фонтана, главата ти е свежа, убаво ти е... Затвораш очи, силен флешбек: нејзиниот страстен бакнеж, навивачите го грмат твоето име, деца се смеат и песни се пеат.
Зошто секогаш така брзо завршува? Одеднаш среде ноќ чуствував неподнослива болка која ја почуствува и семејството. Го оставив фудбалот кој долго време не ми правеше ќејф, само ме потсетуваше на неостварени сни. Имав искривени емоции. Големото его кое немаше излез ме врати во клупчето на бодликава жица. Пак кокаин и мамурлак.“, искрено раскажува најголемиот мангуп на италијанскиот фудбал, Франческо Флаки.
***
Тесните улички на убавата Фиренца го научиле малиот Франческо да го чувствува фудбалот. Таму се играло без костобрани, машки фудбал, па кога бекот ќе те удри, паѓаш на асфалт и ги дереш колената. Но еднакво голема е и радоста и ликувањето кога топката наместо во комшискиот прозор ќе влезе во голот. „Сега децата седат дома и дремат на видео-игри. Тоа е тажно“, вели Франческо чие детство минало на камените улици во градот на богатите Медичи и генијалниот Да Винчи.
Едно лето семејството Флаки на одмор отишла во камп во градот Торе дел Лаго. Комшијата од камперот до нив кој се наоѓал во непосредна близина бил импресиониран од живоста на малиот кој постојано пливал и трчал по топка. На инсистирање на внимателниот комшија, малиот Франческо го запишале во клубот Изолото. Таму дал повеќе од 150 гола за две сезони и веќе никој не го поставувал прашањето дали е малиот за големи дела.
Талентот на Флаки веднаш го забележале тренерите во Фиорентина и не можеле да оддолеат па го викнале во најголемиот клуб во цела Тоскана. Но таму било тешко Флаки да се пробие во составот при живите Габриел Батистута и Луис Оливеира.
„Мене во Фиорентина сакаа да ме направат како Тоти во Рома, но јас го одбив саканиот клуб кога бев млад и незрел. Жалам ми е што не ми се оствари сонот но играв со големи играчи. Бев дете а тие беа мажи. Се случуваше ако направев некоја глупост - Батистута да не ми прави муабет дваесет дена“, се сеќава некогашниот шпиц.
По враќањето од позајмиците (минал неколку одлични сезони во Бари и Анкона), Флаки се вратил и пробал да го оправи односот со управата но не бил нешто презадоволен: му предложиле нов договор но штом ќе потпише пак на нова позајмица. Франческо намерно ја игнорирал клупската фотосесија, се правел дека е разболен, го саботирал потписот на новиот договор и ја напуштил Фиренца како слободен агент.
Уште во време на скитањето по позајмици, Флаки западнал во првата непријатна историја со наркотици. Полицијата сметала дека младиот фудбалер често користел наркотици во кругот на друштвото а самиот Флаки тоа го објаснил вака:
Му се јавил пријател и му побарал да му донесе дрес од Тоти. Но полицијата која го пресретнала разговорот наводно мислела дека тајниот код бил зборот дрес кој често го употребувале за друго нешто.
ФИРЕНЦА ИЛИ ЏЕНОВА?
Фиорентина или Сампдорија? Тоа буквално беше како да бираш меѓу жена и љубовинца. Фиорентина засекогаш ќе биде во мојата душа, но најубавиот период од животот го поминав во Џенова“, говорел Флаки.
За време на престојот во Сампдорија тој за малку не испаднал во Серија Ц, но покажал верност и останал во клубот. Навивачите го нарекле „спасител на татковината“ а тој одговорил: „Сампа е мојата вера а навивачите се нејзини пророци“.
Кармата на крај ја исплатила сметката: Франческо одигра ѕвездена сезона 2002/2003 под водство на Валтер Новелино. Тогаш Сампдорија од првото место се врати во Серија А. Во разговор со новинар на Corriere Mercantile, Флаки го нарекол Новелино втор татко.
После две години навивачите на клубот од Џенова ја гледаа најлудата сезона во последните 15 години: Дорија за малку не стаса во Лигата на шампионите. Долго време беа трети и победуваа се по ред. Тоа лето Марчело Липи го викна сјајниот Флаки во репрезентацијата на Италија но целиот меч против Исланд Флаки го мина на клупата за резерви.
Кога кариерата му била на највисокиот врв, Флаки почнал да чувствува празнина. Наскоро го спасил новородениот син но подоцна емоциите повторно му затапеле и имал потреба од катализатор.
САКАЛ ДА ГО МЕСТИ РИМСКОТО ДЕРБИ
Неколку години по неговата најдобра сезона, избил скандал и Дисциплинскиот комитет на Федерацијата го дисквалификувал него и неговиот соиграч Морис Кароциери на два месеци а клубот морал да плати 20.000 евра. Флаки го обвиниле врз основа на телефонски разговор на двајца бизнисмени. Тие сакале да се кладат на дербито Рома - Лацио и едниот лесно рекол: ’Ќе дознаеме од Флаки’.
Обвинителството во Џенова дознало дека Флаки му се јавил на другар му Фабио Бацани со кој беа тандем во Сампдорија па овој замина во Лацио. Франческо сакал да го праша да го наместат резултатот.
Истрата покажала дека Флаки бил љубопитен за инсајдерски информации а по случајот „Моџгејт“ во кој настрада Лучано Моџи и уште неколку ’местачи’, Судот имал претпоставка за вина кај Флаки но недоволно докази да го осуди.
НОВ УДАР И ПРОБЛЕМИ СО КОКАИН
Во зимата 2007-ма година Флаки паднал на допинг-тест по мечот со Интер каде одигра фантастичен натпревар: во организмот му нашле траги од кокаин. Фудбалерот почнал да се правда дека некој со раце на кои имало кокаин му ја пипнал цигарата но тој не знаел дека е така.
Го суспендираа драстично - две години и на кариерата во Сампдорија и беше ставен крст.
„Пред очите на Флаки имаше чинија шпагети со скапи шкампи и ракови а зад него сиво, студено и бесно море кои деновиве го симболизираат животот на Франческо“, пишала тогаш La Repubblica.
Во интервјуто за овој весник Флаки раскажал дека живее на море дека гледа видео касети со некои стари натпревари и дека одмора. „Им се радувам на жена ми Валентина, на моето дете. Заминав од Џенова. Не разбирам зошто луѓето во ресторан почнаа да покажуваат со прст во мене, ме гледаа како престапнк. Но јас сум спротивен од тоа. Не можев да ги лажам децата, но на ќерка ми и реков дека сум повреден и затоа не играм веќе на стадион. Се чуствувам напуштено, дремам пред телевизор и гледам стари утакмици. Мама миа колку сум сентиментален“, отворил душа Флаки.
За Сампдорија даде 111 гола на 279 меча и стана третиот најдобар стрелец во клупската историја, зад Манчини и Џанлука Виали. Две години Франческо тренирал со другарите од аматерската екипа Пјетрасанта а по истекот на суспензијата потпиша договор со Емполи. Нова етапа од животот.
„За време на бесполезноста мислев какво сценарио би бил победнички повраток, ќе можев да работам во Холивуд. Во идеално сценарио давам решавачки гол во последна минута. Мечтаев да го обелам образот кој неправедно ми го оцрнија“.
Но наместо тоа, во времето додека играше за Бреша подоцна во кариера доби уште една драстична казна - поради тоа што пак падна на допинг-контрола. Одново кокаин и на крајот Олимпискиот Комитет на Италија немаше милост: 12 години суспензија поради повторување на тежок престап.
Флаки повеќе не се вадел на цигара: „Тоа беше начин да се чувствувам жив во светот во кој живеев. Ако би можел да го вратам времето назад, би се борел, би одел по потешкиот пат. Но јас не сум крадец ни убиец и никогаш не сум продал натпревар. Никогаш не сум ги издал навивачите. Јас сум само добар дечко со лоши навики. Платив висока цена за своите слабости“, вели еден од најинтригантните ликови во италијанскиот фудбал.
Денес Флаки живее во Фиренца, поседува „панинотека“ (кафетерија специјализирана за кроасани од путер и лепчиња) и тренира деца. Стигнал да ја оствари желбата од детството и да ги посети сите стадиони во Италија. Пред неколку години Фиорентина го викнала на важен меч но системот за безбедност не го пуштил на стадионот затоа што неговиот код на билетот бил забранет на влезот. Во време на дисквалификацијата Франческо бил на црната листа.
„Не можам да гледам фудбал заедно со син ми. Не можам да му ги покажам на детето соблекувалните на „Артемио Франки“, да му раскажам каде сум играл. Се чувствувам поразен поради тој црн список. После неколку години... Им простуваат на мафијашите и убијците, но не и на мене“, жално раскажува Флаки.
Тој таинствено шепоти кога оди на стадионите и оди со друго име, но тоа во краен случај кога не сака да има проблем со редарите. Една есенска вечер во кафичот на Флаки дошла постара госпоѓа. Таа внимателно и полека јадела сендвич и пиела сок од портокал. Откако платила, долго време седела на шанкот и не прозборела ни збор. После некое време бавно отишла до масата каде седел Флаки и го прашала:
„Франческо, вие направивте толку многу грешки. Но вие сте овде, можете да ги исправите, но мојот син не може...
Госпоѓата само го погледнала Франческо Флаки и брзо излегла. На крајот сфатил дека била мајката на познатиот навивач на Фиорентина по прекар „Тукан“ којшто загинал пред 10 години.
„Нејзините зборови многу ме допреа. Ќе направам се за веќе да не ги разочарувам моите најблиски“ рекол Флаки и пресекол ново сирење во порцијата панини.