Големиот Халанд го спружи и Бразил, Норвешка е во четвртфинале!

Петкратниот светски првак Бразил со селекторот Карло Анчелоти се елиминирани од Светското првенство. Имаа кариоките пенал во 14' минута но Бруно Гимараеш го промаши. Норвешка чекаше и дочека: Ерлинг Халанд е јунак со два прекрасни гола за победа од 2:1!

Репрезентацијата на Норвешка го направи најголемото изненадување во досегашниот тек на Светското првенство 2026 откако вечерва на големиот стадион „МетЛајф“ во Њу Џерси каде ќе се игра и финалето, го урна Бразил со 2-1.

Ерлинг Халанд со два прекрасни погодоци стигна до бројката од 7 гола на Мундијалот и се израмни на врвот на листата на најдобри стрелци со Лионел Меси и Килијан Мбапе.

Норвежаните ја продолжуваат својата бајка на Светското првенство и остануваат единствена селекција која Бразил никогаш не ја победил. И не само тоа, туку „кариоките“ го претрпеа третиот пораз од оваа скандинавска репрезентација, со две нерешени.

Норвешка во четвртфинале ќе се судри со подобриот од Мексико - Англија кој се игра вечерва во 2 часот после полноќ. Во четвртфинале се уште и Мароко и Франција.

Бразилците одново ја разочараа целата нација која по депресивните Светски првенства 2014, 2018 и 2022, одново доживеа пропаст. 

Кариоките кои беа фаворит на овој натпревар, тргнаа по водство од самиот старт но како и од нивниот прв настап на Светското, така и сега, нападите им беа јалови и им се сведуваа на индивидуални спринтови на Винисиус и по некој обид од далечина.

Во 14' минута добија пенал откако главниот судија гледаше ВАР по еден прекршок во шеснаесетникот. Топката неочекувано ја зема Бруно Гимараеш, капитенот на Њукасл но тој како што никогаш во кариерата не изведувал пенали, така и сега шутираше почетнички а ветеранот на голот на Норвешка Ниланд му одбрани.

На полувреме се замина со резултат 0-0. Во вториот дел Норвежаните оддолеваа и оддолеваа се до 79' минута кога Ерлинг Халанд кој до тој момент беше неприметлив, со глава по еден центаршут го совлада Алисон и покажа зошто во моментов е најдобар светски напаѓач.

После само 10 минути игра шпицот на Сити одново даде прекрасен гол овојпат со силен шут. И тука беше крајот на Бразил кој во финишот успеа од пенал само да намали на 1-2 преку Нејмар кој цинично го провоцираше јунакот на Норвежаните голманот Ниланд кој одбрани се што можеше да одбрани.

6 јули 2026 - 00:10