Гоце Седлоски и официјално е нов селектор на Македонија

Управниот одбор на ФФМ на денешната седница одлучи за нов селектор на македонската фудбалска репрезентација, довербата да му ја даде на тренерот на Вардар, Гоце Седлоски.

Членовите на највисокото тело на ФФМ, одлуката за избор на нов селектор ја донесоа по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од претседателот Масар Омерагиќ, Горан Пандев како директор на Национални репрезентации, Николче Новески – раководител на Скаутинг службата на ФФМ, Агим Ибраими – член на Управниот одбор на ФФМ и Марјан Стојковски – потпретседател на ФФМ.

Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал, кој стана прв фудбалер со 100 настапи за репрезентација.

Во август 2012 година ја водеше македонската репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот натпревар против Литванија во Скопје (1:0).

Во досегашната тренерска кариера, Седлоски освои три шампионски титули, од кои две со Вардар во сезоните 2015/16 и 2016/17, една со Шкупи сезоната 2021/22, а има и Куп со Вардар од минатата сезона.

Ги предводеше и екипите на Хоризонт Турново, Рига (Летонија), Широки Бријег (Босна и Херцеговина), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Влазниа (Албанија) и Работнички.

Од ФФМ сметаат дека искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Гоце Седлоски ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим.

22 декември 2025 - 12:42