Владица Поповиќ е легенда на српскиот фудбал каде прво се прослави како играч на Црвена Звезда со 499 настапи, 5 трофеи првак на Југославија и 3 во Купот, а потоа и како тренер.
Кога Црвена Звезда во Токио го совлада Коло Коло со 3:0 и стана светски шампион, токму Поповиќ се најде на тренерската клупа на која претходно седеше Петровиќ.
Но тој не ги одведе црвено-белите само до светската круна, туку во сезоната 1991/1992 ја одбрани и титулата во Југославија. Во финалето пак на европскиот Супер куп изгуби од Манчестер Јунајтед, иако Делии никогаш нема да им простат на Англичаните што се одигра само еден меч и тоа на нивни терен, што се должеше на распадот на СФРЈ.
Во секој случај, кога Владица Поповиќ се потсети на тој спектакуларен триумф над Коло Коло на 28 годишнината од тој успег, истакна две работи:
„Само Југославија можеше да направи таква генерација на Црвена Звезда. За жал, јас нема да доживеам Звезда повторно да биде првак на Европа и светот, но искрено сакам вие да го видите тоа барем уште еднаш во животот. Би сакал некој наскоро да го повтори мојот успех и оној на Љупко Петровиќ, но со своите 84 години не сум оптимист“, изјави Поповиќ во ноември 2019-та.
Потоа раскажа една неверојатна приказна од времето додека работеше во Колумбија. Имено, пред големиот успех со Звезда, како тренер работеше во оваа јужноамериканска земја, каде исто така беше успешен. Во една прилика добил понуда од господарот меѓу наркобосовите, Пабло Ескобар.
„Во Колумбија работев како тренер во 70-те и 80-те и освоив титули со Индепендиенте, Атлетико Национал и Калиа. Еднаш на разговор ме повика Пабло Ескобар. Веќе сите знаеа кој е и тоа беше поканата што не смеете да ја одбиете. Ме однесе во неговата вила и сакаше да ме импресионира со виски во базен. Бараше да станам тренер на неговиот клуб од Меделин, но јас веднаш одбив.
Знаев дека на таков човек не смеам да му кажам дека ќе размислам, затоа што тоа би било исто како да сум се согласил. Го погледнав во очи, собрав храброст и реков: Фала, но не можам. Ме замоли да не одбијам веднаш, зборуваше дека ќе направи забава во неговата вила со најубавите жени само за мене, дека ќе добијам пари колку што сакам. Но знаев дека не смеам да влезам во такво нешто. Ако ме прашате дали се исплашив кога го одбив, нема да ве лажам. И сега колената ми се тресат кога ќе се сетам, но затоа знам дека донесов правилна одлука во тој момент“.
Легендарниот Поповиќ носел многу исправни одлуки во животот, од кои многу од нив и на Мараката. Затоа неговото заминување им падна тешко на навивачите на Звезда.