Иако пред два дена во вклучување на Телма велеше дека нема место за паника и дека на 27-ми ќе го одигра првиот меч за својот нов клуб, сепак работите за Зајков брзо се променија.
Дефанзивецот на Македонија кој минатиот месец потпиша за Ворскла Полтава е безбеден и во градот каде што престојува ноќеска немало напади, но сепак тој и сите странски фудбалери од клубот, наскоро ќе бидат евакуирани.
„Градот Полтава каде што се наоѓаме не беше цел на напад.
Во овој момент сме безбедни. Од клубот има најава за странците кои сме тука да се организира превоз со мини бус и евентуално да бидеме спроведени до некоја граница. Но, мора да се создадат услови. Во моментот воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови.Ги чекаме инструкциите од клубот. Во градот моментално работат само маркети и многу мал број на ресторани. Доколку има некои нови информации ќе се обидам да пренесам”, стои во изјавата на македонскиот репрезентативец, која ја сподели ФФМ.