Сопственикот на премиерлигашот Кардиф Сити, Малезиецот Винсент Тан во интервју за Дневни аваз најави големи вложувања во ФК Сараево.
Малезискиот милијардер прв пат го посетил Сараево во јули и веќе почнал да вложува во клубот.
„Бев во Босна во јули и од тогаш го потпишавме спонзорскиот договор, а вложените средства се искористени за да се подмират долговите. Сакам да го купам клубот. Собранитето веќе го изгласа новиот статут со им се овозможува на инвеститори да го купат правото на управување и контрола на клубот. Преостанува уште да се изгласа законот со кој се овозможува реструктуирање на долговите на спортските колективи кон државата и отплата на повеќе од 15 години", изјави Тан.
Човекот чие богатство е проценето на 1,3 милијарди долари, говореше и за своите планови.
„Сакаме да изградиме тренинг камп и фудбалска академија. Тоа е основа на секој успешен клуб. Во таа академија ќе ги донесеме најталентираните деца од БиХ, но и од целиот регион и ќе им овозможиме да работат во најдобри услови, а најдобрите ќе имаат шанса да играат и за Кардиф во Премиер лигата. Сакаме соработка помеѓу овие два клуба, одигрување на пријателски натпревари, размена на играчи... БиХ е полна со таленти и сигурен сум дека ваков проект ќе помогне да се приближи до најсилните европски лиги", дополни Винсент Тан.