Емануел Ебуе пред неколку дена ја потресе фудбалската јавност откако во интервју за Daily Mirror раскажа како изгубил се што заработил во животот по разводот од сопругата Орелие која што му земала се и како бил близу самоубиство.
Стариот-нов тренер на Галатасарај, Фатих Терим, легендата која што со овој клуб освои Куп на УЕФА и многу трофеи во изјава за CNN Turk рекол дека некогашниот десен бек на Арсенал и Галатасарај добил понуда да биде помошен тренер во У-14 тимот на турскиот гигант.
Тоа би значело дека Ебуе би работел со децата до 14 години коишто се спремаат за повозрасните категории и на тој начин би можел да има пристоен живот од заработената плата.
„Ги слушнавме вестите за Ебуе во соблекувалната, таму ме информираа и ќе направиме се што можеме да му помогнеме на мојот пријател“, рекол Терим за 34-годишниот екс-репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска.
Галатасарај веќе имаше вакви акции и кампањи за помош на поранешните членови кои западнале во неволји, па така легендите Хасан Шаш и Атеш Неџати пратиле пораки за поддршка до Ебуе.
Самиот Ебуе последен пат се обиде да ја заживее кариерата во септември годинава откако потпиша договор со еден клуб од непризнатата Турска држава на Северен Кипар, Оџаги Лимасол, актуелен шампион. Таму Ебуе не ги минал медицинските прегледи и договорот бил раскинат.