Фудбалот за некои играчи е спасител на животот

Знаете ли дека Менез има украдено мотор, Жервињо не можел да најде работа, Медел за малку ќе станел дилер на дрога, а Милик на 6 години пушел цигари и бил лопов? Некои фудбалери кои прават милиони порано немале ни за леб. На кусо за нивното минато.

Карлос Тевез

Фуерте Апаче не асоцира на Карлос Тевез. Поранешниот напаѓач на Јувентус и Манчестер Јунајтед раскажуваше дека како мал растел во место каде убиствата и дрогата се секојдневие. Благодарение на фудбалот избега на време и направи врвна кариера. Истата среќа ја немаше неговиот другар кој настрада млад.

Годфред Донсах

Во 2007 година таткото на Годфред избегал од Триполи за да го спаси синот од војната и стигнал до Италија. Шанса му дал Комо каде го викнале на проба. Кариерата му тргна и по Палермо, Верона и Каљари, сега игра за Болоња. Го следат и големи клубои, а меѓу нив и Јувентус. Има само 20 години.

Медел

Членот на Интер се движел во сомнителни кругови во неговото родно Чиле и призна дека ако не избегал во Европа за да гради фудбалска кариера, ќе станел дилер на дрога. Пред да потпише за Интер, настапуваше за Севиља и Кардиф Сити.

Салим Сисе

Роден е во Гвинеја и растен во глад и сиромаштија, а откако заминал на островот Лампедуза го забележале луѓе од нисколигашот Арецо. Сисе стигна до првата португалска лига, па дури и до Спортинг, а сега е член на Олханенсе.

Елсеид Хусај

Неговата приказна е поинаква од другите. Репрезентативецот на Албанија и играч на Наполи живеел во тешки финансиски услови. Татко му Г`зим платил човек за да ги шверца во Италија. Таму талентот први му го виделе Фиорентина и Емполи и токму од Емполи лани премина во Наполи.

Жервињо

Се враќаме во Африка или поточно во Брегот на Слоновата коска од каде потекнува Жервињо кој не можел да најде работа. Потоа преку Франција заигра во Арсенал и Рома, а од оваа година продолжи да млати пари во Кина.

Мамаду Кулибали

Пристигна во Италија како мигрант во потрага по подобра иднина. Спасот го најде во Пескара со која сега е дел од Серија А. Од бегалец стана фудбалер во една од топ 5 лигите во Европа.

Нани

Поранешната ѕвезда на Манчестер Јунајтед и актуелен член на Валенсија зборуваше за своето минато после освојувањето на трофејот на ЕП 2016.

„Фудбалот ме спаси. Не можам да кажам дека немам направено нешто лошо, тоа беше невозможно во местото каде растев. Но благодарение на фудбалот успеав да се тргнат од тие кругови на време. Се надевам дека мојот пример може да биде корисен за идните генерации кои не треба никогаш да се откажат од своите соништа без разлика со какви тешкотии се соочуваат“.

Менез

„Моето маало не беше лесно место за живеење. Фудбалот ме спаси. Ако не постоеше овој спорт, ќе завршев како деликвент. Еднаш украдов мотор и потоа сфатив дека погрешив“, раскажа фудбалерот на Милан за своето минато.

Вес Морган

Фудбалерот на Лестер стигна до титула во Премиер лигата по едно тешко минато во англиските сиромашни квартови.

„Растев во Нотингем, во кварт познат по дрогата и криминалните групи. Мои другари завршија во затвор, но јас не ја испуштав топката од раце. Играв по дворови и на паркинзи. Тоа мое маало ме направи тоа што сум денес“.

Милик

Полскиот напаѓач кој летово го засили Наполи за да го пополни местото на Игуаин правел глупости што ретко кој фудбалер ги правел на тие години.

„Пушев цигари и крадев во дуќани на 6 години. Но за среќа се освестив на време и ги послушав луѓето кои ми велеа дека еден ден ќе станам фудбалер“.

17 ноември 2016 - 13:39