Доколку беше жив, денеска на Тофик Бахрамов ќе му дуваа 90 свеќици. Тој е поранешен фудбалер, тренер и судија кој му служеше на фудбалот во различна форма се до смртта во 1993 година.
Фудбалската кариера му помина во три клубови од главниот град на Азербејџан, Спартак, Динамо и Нефчи Баку, но поради тешка повреда мораше да се повлече во 1950 година, по само седум години играње.
Свирчето го грабнал сосема случајно и непланирано, а тоа се случило веќе следната 1951 година откако на младински фудбалски натпревар, судијата не се појавил, па се нафатил да го спаси мечот.
Откако остварил повеќе од 10 годишен стаж како судија во СССР, Бахрамов станал интернационален арбитар на ФИФА во 1964 година. По само две години добил шанса да го суди финалето на СП Англија 1966 меѓу домаќинот и Западна Германија, а тоа му носи пресврт во кариерата.
По конечните 2:2 во регуларниот дел, Русинот со само една судиска одлука станал главен актер на Вембли. Во 101 минута Џеф Харст упатил силен шут, ја погодил пречката, а топката тапнала на самата линија.
Репрезентативците на Англија мавтале и урлале по судијата барајаќи гол, а Бахрамов дал знак дека го потврдува голот. Англиските весници му оддале почит за одлуката, а Германците го прогласиле за главен виновник кој влијаел на конечниот резултат 4:2.
Пишувајќи за мемориите од неговата кариера, Бахрамов и натаму тврдел дека топката ја минала гол линијата, а тој потег не влијаел во неговата кариера. Потоа го судел и следниот Мундијал, Европско првенство, како и меч од Куп на УЕФА. Кога легендарниот руски голман Лев Јашин, се пензионирал, на прошталниот меч во 1971 година го поканил и него.
По играчката и судиска кариера, Бахрамов работел како тренер на Нефчи, а потоа станал генерален секретар на Фудбалската федерација на Азербејџан. Во својата земја имал голем придонес за развојот на фудбалот, додека Англичаните и Германците го паметат по славното финале на Вембли.
Кога во 2006 година Азербејџан ја пречека Англија на квалификациски фудбалски меч за Светско првенство, гостинските навивачи се појавија со маици “Бахрамов 66“, а ја посетија и неговата статуа. Во чест на 100 години фудбал во Азербејџан, тоа го сторија и Сеп Блатер и стрелецот на контроверзниот гол, а на настанот се појавија 150 новинари, од кои еден искоментирал: „Да бидеме на чисто, топката не влезе во гол“.
„Луѓе како Тофик Бахрамов се раѓаат еднаш на 100 години. Сега кога Азербејџан е незавизна држава, треба да се запамети дека тој беше дел од азербејџанскиот народ. Малку можат да зборуваат за тоа што значеше тој за фудбалот во оваа земја“, изјави неговиот син Бахрам Бахрамов.
Азербејџан се одлепи од Советскиот Сојуз и стана независна држава во 1991 година, а по две години нивниот национален стадион во Баку кој беше претходно крстен по Ленин, а дизајниран во чест на Сталин беше именуван во „Тофик Бахрамов“.
Таму се натпреварува Карабах, каде игра македонскиот репрезентативец Муарем Муарем, како и селекцијата на Азербејџан. Пред три години беше реновиран за Светското првенство за жени под 17 години, а таму ќе се одржат и првите Европски игри во јуни оваа година на кои ќе продефилираат над 6.000 спортисти.