Се работи за Роберт Просинечки, човекот со долга, интересна и разновидна кариера кој играше фудбал во три декади, од 1986-та, до 2005-та. Знае што значи да се освои Лига на шампиони, да се биде дел од Ел Класико и на двете страни, но и да се носи дрес на нисколигаш со пуштен стомак каде после натпревар се оди на скара и пиво.
Роби е роден во Шевенинген, Германија 1969-та, генерација на Мијатовиќ и Михајловиќ. Таму заминале на печалба татко му Ѓуро кој е Хрват и мајка му Емилија Ѓоковиќ која е Србинка. Го запишале на фудбал во Штутгарт Кикерс и во Германија живееле се до неговата 10-та година.
Сите го паметат по оние историски снимки од Бари и легендарната сезона 1990/1991 на Црвена Звезда со која стана Европски шампион. Беше и Светски, но со Југославија на младинското Светско првенство во Чиле каде ја освои Златната топка.
Пред да го направи трансферот во Звезда, Просинечки мина една сезона во Динамо Загреб каде и се калеше шест години како младинец откако се врати со родителите од Германија.
„На една од нашите посети во Загреб се сретнавме со човек кој се претстави како чичко на Роберт Просинечки. Ни рече дека внук му не е среќен во Динамо и ме праша дали може да му организираме проба. Ги поканив во Белград и по неколку дена дојдоа. На пробата видов дете кое правеше чуда со топката и веднаш му реков на тренерот Велибор Васовиќ да закаже тренинг за да го видиме детево уште еднаш. Беше очигледно дека се работи за класа и почнав постапка за договор. Адвокатот ни рече дека не мора да плаќаме за неговиот трансфер и потоа со татко му Ѓуро се договоривме за пет минути,“ раскажува Драган Џаиќ, тогашен спортски директор на Ѕвезда кој го средил трансферот.
Тоа лето 1987-ма беше клучно за развојот на кариерата на Роби кој веднаш се наметна во првиот тим на Ѕвезда и за четири години освен историската Европска титула, три пати стана и шампион на Југославија.
По искачувањето на Европскиот трон, Панчев замина во Интер, Савичевиќ во Милан, а Просинечки во Реал Мадрид за трансфер вреден сегашни 15 милиони евра. Тренер му беше Радомир Антиќ, но првата сезона имаше проблем со повреди и се појави на само три меча. Впечаток остави со гол од слободен удар на Ел Класико.
Потоа одигра уште две сезони на Бернабеу, првата постигна 3 гола, втората 6, но со оглед на цената и репутацијата очекуваа повеќе од него. Во Шпанија остана до 97-ма каде по една сезона ги облече дресовите и на Овиедо, Барселона и Севиља. Освои Копа деј Реј со Реал и по еден Супер Куп со Реал и Барса.
По авантурата во Шпанија, Просинечки направи кам бек во Динамо Загреб со кој настапуваше во Лига на шампиони и освои три домашни титули за три сезони во хрватското првенство.
Потоа се проба уште и во Хрватски Драговољац, Стандард, Портсмут, Олимпија Љубљана и Кроација Загреб. Крајот на кариерата му го сметаат со настапите за хрватскиот нисколигаш Савски Мароф, каде после натпревар вртел скара.
Роберт Просинечки е единствениот играч во историјата на Светските првенства кој успеал да постигне гол за две различни репрезентации. На СП 1990 постигна гол за Југославија на мечот против Обединети Арапски Емирати, а 8 години подоцна и даде гол на Јамајка и на Холандија, но со дрес на Хрватска која стана трета во свет на Мундијалот 1998.
Тренерската кариера за популарниот Роби почна во хрватската фудбалска репрезентација како асистент тренер на Славен Билиќ во 2006-та. Потоа ги водеше Црвена Ѕвезда, Кајсерспор, а во 2014-та беше назначен за селектор на Азербејџан каде го замени Берти Фокс.
Ова видео ви кажува каков фудбалер беше Просинечки
Пречекот во село Јежевица, Чачак каде е родена мајка му
Кога го фатија со цигара во Бари 1991