На кафулињата и рестораните во Франција во следните месец дена може драстично да им падне прометот бидејќи властите од утре забранија поставувања на телевизори на кои би се гледало фудбал.
Оваа одлука ја донесоа од безбедносни причини со образложение дека групните собири се потенцијална опасност за терористички напад. Министерот за спорт Тиери Брељард изјави дека неорганизирани собири се неприфатливи бидејќи полицијата нема средства да ги обезбеди.
Единствениот јавен простор каде што може групно да се гледа фудбал се фан зоните кои ќе бидат на отворено и за кои ќе се преземат големи безбедносни мерки.
Франција направи мобилна апликација за предупредување од терористички напади која се вика SAIP. Таа е бесплатна за симнување од Епл и Гугл и веќе беше тестирана за време на безбедносната вежба во фан зоната во Лион.
Со новата апликација корисниците ќе можат да се пријават за добивање известувања во осум различни географски зони. Предупредувањето ќе понуди краток опис на она што се случило, како и совети за тоа како да се биде безбеден.
Во Франција е вонредна состојба уште од ноември минатата година кога во терористички напади во Париз загинаа околу 130 луѓе.