Со шест титули во најсилното бразилско првенство, еден трофеј во Либертадорес и Интернационален Куп, Фламенго со 40 милиони навивачи зад себе е најсаканиот клуб во Бразил.
Заедно со Сантос, Сао Пауло, Интернационал и Крузеиро, Фламенго може да се пофали дека никогаш во својата 118 – годишна историја не испаднал во понизок ранг натпреварување, но со ваквите резултати ризикува да се приклучи во второлигашкото друштво.
Последниот пораз од Чапекоензе од 1:0, екипа многу помалку позната од „црвено – црните", го закова клубот од Рио де Жанеиро на последното место во Бразелирао лигата.
Во моментов, Фламенго има 10 поени на табелата како Фигуеирензе и Бахиа, кои имаат подобра гол разлика. По 13 првенствени средби „Рубронегро" има само две победи, четири нерешени и седум порази.
Меѓу останатите дуели до крајот, Фламенго има соочувања со градските ривали Коритиба и Ботафого, по што јасно е дека на старо - новиот тренер и поранешен селектор на Бразил, Луксембурго ќе му треба неколку победи во низа.
61 – годишниот стратег, на 23 јули по четврти пат се врати на клупата на Фламенго, тим со кој освои титула во 1991 и 2011 година.
„Играчите мора да сфатат дека само тие може да го извадат клубот од ситуацијата во која го внесоа", - изјави Луксембурго во интервју за О Глобо.
Покрај Фламенго, Луксембурго има освоено трофеи уште и со Крузеиро (2), Палмеирас и Коринтијанс.
„Имаме 10 поени а ни требаат уште 37 за да обезбедиме опстанок. Тоа значи дека ни требаат околу 47 проценти од преостанатите 78 бода до крајот на шампионатот" – заклучува Луксембурго, кој треба да го спасува неговиот омилен Фламенго.
Екипата во која играа славните Зико и Жуниор се наоѓа на листата на најтрофејни клубови за 20. век, според ФИФА.