Фил Невил ги успал Англичаните со коментирање

Фудбалските натпревари кои се квалитетни и интересни за гледање, не значи дека секогаш се пријатни и за слушање. Милиони Англичани кои го следеле мечот против Италија кој се играше на полноќ, ќе заспиеле поради здодевниот пренос на ТВ. Ние таков проблем со дуото Калински-Панчев немавме.

По саботниот меч од групата Д помеѓу Англија и Италија, во Би Би Си пристигнале 445 поплаки за здодевното коментирање на помошниот тренер на Манчестер Јунајтед, Фил Невил кој е ангажиран како стручен коментатор за Светското првенство.

Големата пресметка од групата на смртта ја следеле 15,6 милиони гледачи, а критиките кои стигнале до телевизијата се однесувале на монотониот стил на коментирање на Невил, како и недостатокот на емоции.

Поранешниот фудбалер од „Олд Трафорд“ го тролаа и на Твитер, а тој воопшто не им се налути, туку напиша дека тоа критиките ќе го направеле подобар.

Твитерџиите се пошегуваа дека физиотерапевтот на англиската репрезентација Гери Левин кој го повреди зглобот славејќи го голот против Италија, паднал во кома откако го слушал коментирањето на Невил.

17 јуни 2014 - 13:39