Фил Џексон, Шекил О`Нил и првата средба со марихуана

Легендарниот тренер и легендарниот центар се нераскинлив дел од историјата на Лос Анџелес Лејкерс, кој во НБА лигата ги одбележа првите години од новиот милениум. Нивната прва средба била необична, со чуден мирис, ама славен крај.

Лето 1999-та, Монтата, летната резиденција на Фил Џексон. По една година пауза, Зен Мастерот кој освои 6 прстени во 9 сезони со Чикаго Булс во времето на Џордан, се врати на клупа како тренер на Лејкерси.
 
Задачата која ја доби беше многу тешка, а тоа е враќање на титулата која им недостига од 1988-ма година. Џексон имаше многу важна карика во составот, а тоа е Шекил О`Нил. Од една страна револуционерниот Џексон, од друга еден од најмоќните центри во историјата на НБА лигата. Зарем нивната прва средба може да биде обична.
„Лејкерси само што ми ја доверија нивната клупа. Тоа беше во 1999-та година, сред лето, а јас минував низ бреговите на езерото во Монтата во близина на местото каде што бев роден. Шек дозна, а тој беше таму за да ја проследи турнејата на една хип-хоп група. Ме исконтактира, а јас го поканив дома. Пред да дојде кај мене, соседите ми кажаа дека скокал на трамболина, она што децата го користат за играње, а потоа се качил на скутер за да дојде преку езеро“, раскажува Џексон.
Откако се изнаиграл како дете и ги фаќал брановите во езерото, Шек заминал во домот на Фил Џексон, но веднаш штом влегол почувствувал чуден мирис и прашал.

„Тренеру ова што мириса е марихуана“?
 
„Не, туку горам едно растение, слично на марихуана“, му одговорил искулирано Џексон кој никогаш не криел дека пуши марихуана, уште во младоста кога играл за Њујорк Никс.
Необична или не, првата нивна средба резултираше со три титули по ред во 2000-та, 2001-ва и 2002-ра. И не само тоа, според Шек, нивниот спој бил клучен за историјата на тимот кој тогаш беше незапирлив.
„Се прашувате зошто денес нема повеќе центри во кошарката? Едноставно е, јас и Фил ги убивме сите“, вели Шек.
20 септември 2017 - 15:35