Фиго нема нерви да се трка за претседател на ФИФА

Прославениот фудбалер на Барселона и Реал Мадрид реши да ја повлече својата кандидатура за претседател на Светската фудбалска федерација.

Португалецот како славна фигура во светскиот фудбал доби голема поддршка во трката за прв човек на ФИФА, но Фиго изненадно одлучи да се повлече. Разочаран од актуелната состојба, Фиго објави соопштение за Асошијтед Прес во кое наведува дека однесувањето на некои луѓе со кои се сретнал во предизборната кампања едноставно не се за неговиот стомак.
„Со свои очи видов представници на некои национални сојузи кои еден ден го споредуваат раководството на ФИФА со ѓаволот, а потоа кога ќе излезат на сцена истите луѓе ги споредуваат со Исус Христос. Никој не ми зборел за тоа, сам со свои очи го видов“, наведува Фиго во соопштението.
Португалецот е втор од четирите кандидати кој одлучи да се повлече од трката за прв човек на ФИФА. Пред него тоа го стори и актуелниот претседател на фудбалската федерација на Холандија, Михаел Ван Праг. Во трката за сега останаа Јосеп Блатер и јорданскиот принц Али Бин Ал Хусеин.
 
Сеп Блатер и ФИФА во моментов се соочуваат со сериозни обвинувања за корупција, примање мито, како и за вистинска тортура врз работниците кои ги градат стадионите за потребите на СП2022 во Катар.
21 мај 2015 - 20:45