Грузиската фудбалска федерација и репрезентацијата на оваа земја решиле да донираат околу 300.000 грузиски лари (апроксимативно околу 98.660 евра) за три хуманитарни организации: Фондацијата на монахот Андреј, детскиот конак Светска искра како и за Грузискиот фонд на солидарност.
Кон сите овие три организации е преусмерен наградниот фонд којшто Грузија го доби од УЕФА како победник во групата. Помал дел од средствата грузиската фудбалска федерација решила да даде како премија за играчите.
Претседателот на Грузиската фудбалска федерација, Леван Кобијашвили и потпретседателите Каха Чумбуридзе и Александар Јашвили се сретнале со челните луѓе на организациите на кои им заблагодариле за хуманитарната работа која што ја вршат.
„Оваа одлука е заедничка на федерацијата и на репрезентацијата на Грузија. Ги одбравме трите организации кои со години работат во земјата и помагаат на заболени деца“, рекол првиот човек на ГФФ.
Репрезентацијата на Грузија ќе игра во полуфиналето од плејофот за Лига на нации против Белорусија. Во второто полуфинале нашата фудбалска репрезентација игра против Косово.