Англија и домаќинот Украина одиграа активно прво полувреме со повеќе закани кон двата гола, но изостана завршницата.
Најзрелата шанса во првите 45 минути ја имаше повратникот Вејн Руни, но неговиот удар со глава заврши покрај стативата.
Ова беше прв натпревар на Англија на големите натпреварувања по пауза од 14 години на кој тие не упатија ниту еден шут во рамките на голот.
Резултатот не им одговараше на Украинците па тие во второто полувреме мораа да тргнат во напад, но на самиот старт следеше ладен туш. Голманот Пјатов очајно реагираше по едно нафрлање, а Руни само ја смести топката во празната мрежа за водство на Англија од 1:0.
15 минути подоцна Украина постигна чист гол, но тој не беше признат. Марко Девиќ искочи сам пред голот на Англија, а голманот Харт успеа да ја зафати топката, но таа сепак продолжи кон голот. Џон Тери ја исфрли откако таа веќе ја имаше поминато гол-линијата, но ниту пет судии не беа доволни за да го видат тоа и Англија остана во водство.
Но петте судии исто така не беа доволни за да забележат дека неколку секунди претходно Милевски беше во офсајд при акцијата во која беше постигнат голот.
Во продолжението од натпреварот и двете репрезентации продолжија да напаѓаат, а Харт и Пјатов имаа по уште една интервенција, но мрежите мируваа.
Без поголеми возбудувања протече и првото полувреме на натпреварот помеѓу Франција и Шведска. Французите имаа иницијативата и упатија повеќе шутеви, но најголемата шанса ја имаше Шведска кога Тоивонен ја погоди стативата.
И покрај тоа што натпреварот немаше никакво значење за Шведска, тие воопшто не се предадоа. Во 54-та минута Ибрахимовиќ одлично реагираше по нафрлување од левата страна и ја затресе мрежата на Франција со волеј удар од 15 метри.
Во првата минута од судиското продолжение Холмен ја погоди пречката од голот на Франција, а на одбиената топката натрча Себастијан Ларсон и постигна уште еден гол за потврда на утешната победа на Швеѓаните.
Ова беше прв пораз на Франција од Шведска по пауза од 43 години.
Како првопласирана од групата Д, Англија го избегна шампионот и во четврт-финалето ќе се сретне со Италија, а Франција ќе игра против Шпанија.
ЕУРО 2012, четврт-финале:
21.06 Чешка - Португалија
22.06 Германија - Грција
23.06 Шпанија - Франција
24.06 Англија - Италија