Од 1 јули минатата година Европската комисија ја презема надлежноста на државната помош која влијае врз трговијата во рамките на ЕУ, а бидејќи спортските клубови станаа трговски друштва и Динамо во изминативе 10 години учествуваше на европските натпреварувања, можно е со помош од градските милиони да ги нарушиле правилата за конкуренција.
Пријавата до Комисијата која е доставена од Хрватска е како еден вид продолжување на работата на Агенцијата за заштита на конкуренција, од каде деветмина мали акционери на Хајдук го пријавија сомнителното финансирање на загрепскиот клуб.
По една година работа, Агенцијата се прогласи за ненадлежна за овој случај, со образложение дека финансиската помош на градоначалникот Милан Бандиќ била во склад со документите на Градот. Меѓутоа градските власти веднаш потоа го сменија моделот за поддршка на клубот и сите средства ги оправдаа дека биле инвестирани во младинската академија како и надоместок за користење на стадионот.
Пред да почне процесот на АЗК, Бандиќ финансиски помагал и за платите на тренерите, подготовките на клубот, а покривал и други трошоци кои не се во согласност со Законот за заштита на конкуренција и ниту за една помош не побарал дозвола од Агенцијата, а тоа е противзаконски, пишува хрватскиот портал.
Динамо предводен од контроверзниот Мамиќ во последните 8 години потроши 245 милиони куни (32 милиони евра) од буџетот на Градот, Загреб Холдинг и Туристичкиот одбор на Загреб, а рекордно околу 5 милиони евра, во клубот влегоа во 2007 година.
Процесот на Европската комисија се претпоставува дека ќе трае минимум една година, а доколку се утврдат неправилности во работата, Динамо Загреб ќе треба парите во градскиот буџет да ги врати со камата.
Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ заедно со уште 18 лица беа уапсени пред две недели под сомнение дека ги злоупотребиле службената позиција и овластувања.