За љубовниот живот на Свен Горан Ериксон немаме намера да ви пишуваме, само ќе споменеме дека и на тоа поле има солидно интернационално искуство. Додека беше во врска со италијанско-американска адвокатка, се плеткаше со англиска водителка, потоа со секретарка од Бангладеш и на крај си фати танчерка од Мексико.
Но темава тука ја затвораме со податокот дека кога медиумите разбрале за неговиот прв швалерај, на телефон му се јавила загрижената мајка на неговата девојка.
Најбурните моменти на Ериксон се чини дека му се во Англија каде освен тоа што ги полнел насловните страници на таблоидите со неговите љубовни афери, имал доста незгодни моменти додека седел на селекторската фотеља, особено со Алекс Фергусон.
„Фергусон е пријатна личност, но ако влезете со него во конфликт тешко вас. Кога со селекцијата на Англија имавме пријателски натпревари ми се јавуваше во 7 часот наутро за да ми каже да не повикувам репрезентативци од Манчестер. Неговите играчи или беа повредени или пак имаа потреба од одмор.
„Јас морав да си ја работам својата работа и кога сакав да повикам некој фудбалер од Јунајтед, го правев тоа, но еднаш се случи обратното. Во септември 2003 година пред натпреварот со Турција, Рио Фердинанд одби да се појави на анти допинг тест, а јас го напуштив тренинг центарот. Потоа ми се јавија од федерацијата и ми рекоа да не го повикувам, јас се сложив затоа што направи многу лош гест. Потоа ми се јави Фергусон за да ми каже да го повикам, но јас му одговорив дека не можам и му реков за овој случај да се обрати кај други луѓе", раскажува Швеѓанецот.
Но Ериксон немал сопки од популарниот Ферги само за пријателските дуели, туку и за најголемите и најважните фудбалски натпреварувања како на пример случајот со Вејн Руни пред Мундијалот во 2006 година.
„Фергусон не ми даваше да го повикам Руни за Светското првенство во Германија затоа што имаше скршеница на стапалото и во тој период заздравуваше, а играчот на Манчестер и неговиот агент беа свесни зошто стравува тој. Заедно со докторот на селекцијата на Англија Лејф Сворд кој е специјалист за такви повреди се сретнавме со Фергусон и лекарот на Манчестер. Тој ги виде ренген снимките и рече дека коската нема да заздрави на време. Лејф го погледна во очи и го праша: Зошто лажеш? Во тој момент посакував да го снимам изразот на лицето на Фергусон, откако Лејф му објасни на докторот на Јунајтед дека Руни ќе оздрави и ќе може да настапи на Мундијалот. Потоа се свртив накај него и му реков, жал ми е Алекс, но ќе го повикам", раскажува Ериксон.
Во историјатот помеѓу овие две големи и познати фудбалски стратези има уште пикантерии кои ги раскажува 65 годишниот Ериксон. Во 2002 година тој требал да го замени легендарниот тренер на Јунајтед кој тогаш изјавил дека тоа ќе биде неговата последна сезона на „Олд Трафорд".
Ериксон и покрај тоа што знаел дека ќе претрпи голем број на критики, затоа што бил под договор со селекцијата на Англија го прифатил предизвикот, но на вториот состанок бил известен од страна на познатиот агент Пини Захави дека Фергусон се предомислил.