Елмас со убав гол му донесе победа на Наполи во Бергамо

Фудбалерите на Наполи играат совршен фудбал и во 13. коло од Серија А ја совладаа силната Аталанта во Бергамо. Стрелец на победничкиот гол беше Елиф Елмас кој го прослави голот така што ги замолкна критичарите.

Елиф Елмас после подолго време доби шанса од стартот на мечот во првите 11 и врати со гол.

Аталанта прва поведе преку Адемола Лукман во 19' минута, но само четири минути подоцна израмни Виктор Осимен.

Македонскиот репрезентативец во 35' минута од првиот дел стрелаше за целосен пресврт на Наполитанците кои сега имаат +8 бода пред директниот конкурент Аталанта.

После мечот, Елмас пресреќен за голот и новите три бода во трката за титулата, изјави:

„Тренерот секогаш кажува кој ќе игра неколку часа пред натпреварот. Бев малку изненаден бидејќи не сум играл долго време, но секогаш сум подготвен да му помогнам на тимот. Кога на тимот му треба, подготвен сум и секогаш ќе давам сè од себе, до последен момент. Ова беше тежок период за мене, му благодарам на тренерот за довербата што ми ја даде. Среќни сме со освоените три бода, се надеваме дека ќе продолжиме да победуваме, особено за нашите навивачи.

Кварацкелија е одличен човек, тој е една година помлад од мене, му оди многу добро. Приказната со клупата? Тоа беше само шега, јас не сум некој што прави контроверзни моменти. Понекогаш играм лошо, но секогаш останувам скромен. Секогаш сум среќен кога мојот тим победува. Овие три бода ни беа важни, но првенството е уште долго и треба да продолжиме во исто темпо“ , изјави 23-годишниот Елиф кој после ова сигурно ќе добива повеќе шанса во првиот тим.

5 ноември 2022 - 20:44