Елиминација за Алкараз во Париз уште на прв натпревар

Пукна сензација на самиот старт на Мастерсот во Париз. Камерон Нори го шутна светскиот рекет број 1 со пресврт.

Foto: EPA

Карлос Алкараз експресно го заврши својот пат на Мастерсот во Париз и му даде шанса на Јаник Синер да го стигне на лидерската позиција на АТП, ако го крене трофејот.

Шпанецот поведе со 1:0, но потоа ги загуби следните два сета со 3:6 и 4:6 и се прости од турнирот, кој сè уште го нема освоено.

Ова му е дефинитивно најлош перформанс годинава, а воедно и прв пораз пред финале од март.

Во нивниот осми меѓусебен дуел, Нори слави трет пат. Претходно, Британецот го победи во Синсинати (2022) и во Рио (2023).

За 30 годишниот Нори, кој е инаку 35-ти на АТП, ова е прв триумф против светски рекет број 1, на кој му прекина серија од 17 победи по ред на Мастерс турнирите.

Во осминафинале ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Риндеркнех и Вашеро.

29 октомври 2025 - 08:54