
Мундијалот 2022 почнува на 20 ноември, па да ѕирнеме каде ќе играат најдобрите светски фудбалски селекции на првото зимско Светско првенство.
СТАДИОНИ НА КОИ ЌЕ СЕ ИГРА СП 2022
АЛ БАИТ (АЛ-ХАУР)
Отворен: 2020-та година
Капацитет: 60.000 гледачи (32.000 ќе прима по Светското, ќе се намали капацитетот)
Натпревари: 6 меча од групна фаза, мечот на отворањето, по 1 натпревар од 1/8 финале, 1/4 финале и 1/2 финале.
На овој стадион Светското ќе го отворат домаќинот Катар и Еквадор на 20 ноември. Тука ќе се сретнат уште и Мароко - Хрватска, Англија - САД, Шпанија - Германија, Холандија - Катар, Костарика - Германија и натпревари од 1/8, 1/4 и 1/2 финале.
Уште на прв поглед е јасно што ги инспирирало архитектите - овој стадион е лесно препознатлив како бедуински шатор кој некогаш бил дом на номадите кои живееле на брегот на Персиски залив. Дури и името на стадионот Bayt Al Shaar се однесува на тие некогашни номадски домови.
Стадионот има пет ѕвезди од GSAS (Global Sustainability Assessment System) и се смета за најеколошка фудбалска арена.
Арената ги симболизира врските меѓу минатиот и идниот Катар. Ентериерот на стадионот е суперсовремен и потсеќа на богат бедуински шатор - тоа посебно се чувствува во ВИП ложите. „Ал Баит“ е втор по значај стадион на Светското, а по Мундијалот горното ниво трибини ќе биде демонтирано и пратено во земјите во развој - за поддршка на фудбалот.
ЛУСАИЛ АЈКОНИК (ЛУСАИЛ)
Отворен: 2021 година
Капацитет: 80.000 гледачи (20.000 после Светско првенство)
Натпревари: 6 меча од групна фаза, 1 меч од 1/8, 1/4 и 1/2 финале и големото финале.
На овој прекрасен стадион ќе гледаме некои многу интересни средби како: Аргентина - Саудиска Арабија, Бразил - Србија, Аргентина - Мексико, Португалија - Уругвај, Саудиска Арабија - Мексико, Камерун - Бразил, 1/8 финале, 1/4 финале, полуфинале и финале.
Лусаил е суперсовремен град кој е изграден специјално за Светското првенство, на 20 км од Доха. И златниот стадион, проектиран од архитектонското биро на Норман Фостер е центар на овој град. Тука ќе се играат 10 меча од Мундијалот вклучувајќи ги и полуфинале и финале.
Властите на Катар соопштија дека после Светско 2022 нема да им треба толкав стадион од 80.000 гледачи. Затоа голем дел од трибините ќе се демонтираат и ќе се подарат на разни спортски проекти по светот. Ќе му се намали капацитетот на 20.000 гледачи а самиот „Лусаил Ајконик“ ќе се трансформира во мал град со школа, болница, трговски центар, кафетерии и ресторани.
Стадионот официјално е завршен на 22 ноември 2021-ва но првиот меч е игран дури во септември годинава, шампионите на Египет (Замалек) и Саудиска Арабија (Ал Хилал) ја отворија Арената. Одиграа 1:1 во регуларен дел а Саудијците победија 4:1 на пенали.
АХМЕД БИН АЛИ (АЛ РАЈАН)
Отворен: 2020-та
Капацитет: 40.000 гледачи (околу 20.000 ќе има после Светското)
Натпревари: 6 меча од групна фаза и еден меч од 1/8 финале
На стадионот Ахмед Бин Али ќе играат: САД - Велс, Белгија - Канада, Велс - Иран, Јапонија - Костарика, Велс - Англија, Белгија - Хрватска и 1 меч од 1/8 финале.
Оваа арена ја проектирало архитектонското биро Pattern Design, во чие портфолио се уште и проектот за новиот стадион на Евертон, проширениот „Етихад“ на Манчестер Сити, а со изведба се занимавала американската фирма AECOM (тие веќе изградиле неколку стадиони за Светско 2010) и гигантската арена Мерседес Бенц во Атланта.
После Мундијалот капацитетот на овој стадион дупло ќе се намали но арената ќе се користи и натаму регуларно зошто таму игра Ал Рајан, еден од најголемите и најпопуларни клубови во земјата (таму играше и Хамес Родригез пред да потпише за Олимпијакос пред неколку дена).
АЛ ЏАНУБ (АЛ ВАКРА)
Отворен: мај 2019-та
Капацитет: 40.000 гледачи
Натпревари: 6 од групна фаза, 1 од 1/8 финале
На стадионот Ал Џануб ќе играат: Франција - Австрија, Швајцарија - Камерун, Тунис - Австралија, Камерун - Србија, Австралија - Данска, Гана - Уругвај и еден меч од 1/8 финале.
Единствениот стадион за Светско првенство во градот Ал Вакра. Се наоѓа на самиот брег на Персискиот залив на место кое историски било познато како рибарски крај. Дизајнот на стадионот потсетува на минтото - кровот е направен во облик на едра на традиционалните дау чамци. Архитект на оваа арена е Британката Заха Хадид.
АЛ ТУМАМА (ДОХА)
Отворен: 2020-та година
Капацитет: 40.000 гледачи (после Светското ќе го намалат двојно на 20.000 седечки места)
Натпревари: 6 од групна фаза, 1 меч од 1/8 финале и 1/4 финале.
На овој фасцинантен стадион ќе играат: Сенегал - Холандија, Шпанија - Костарика, Катар - Сенегал, Белгија - Мароко, Иран - САД, Канада - Мароко, натпревар од 1/8 финале и 1 од 1/4 финале.
Стадионов го проектирал катарскиот архитект Ибрахим Џајда. Тој бил инспириран од катарската традиционална шапка хафија - фасадата на стадионот многу потсеќа на овој традиционален катарски елемент. Наречена е во чет на дрвата кои растат во реигонот.
Првиот меч на овој стадион бил за финалето на Купот на емирот на Катар во 2021-ва. Тоа бил еден од последните натпревари на легендарниот Чави како тренер на Ал Садад и тогаш победил на пенали против Ал Ријад. Наскоро Шпанецот замина да ја води Барселона и за сега одлично му оди.
ЕДЈУКЕЈШН СИТИ (АЛ РАЈАН)
Отворен: јуни 2020-та (онлајн отворање поради глобалната пандемија)
Капацитет: 40.000 места (20.000 ќе има по крајот на Мундијалот)
Натпревари: 6 меча од групната фаза, 1 меч од 1/8 финале и 1 од 1/4 финале.
На овој стадион ќе играат: Данска - Тунис, Уругвај - Јужна Кореја, Полска - Саудиска Арабија, Јужна Кореја - Гана, Тунис - Франција, Јужна Кореја - Португалија, 1 натпревар од 1/8 финале и дуел од 1/4 финале.
Овој стадион како што се гледа и од називот, се наоѓа во образовниот центар на Катар, тука се наоѓаат некои од главните универзитети во земјата и седиштет на Катарскиот фонд за образование и наука. Стадионот „Едукејшн Сити“ веќе беше домаќин на Светското клупско првенство кое го освои Баерн Минхен.
Оваа Арена во Ал Рајан се смета за една од најеколошките во светот, во мај 2019-та година добила пет ѕвезди на рејтингот на GSAS. Околу стадионот има повеќе зелена површина и некои терени за голф.
После Мундијалот капацитетот ќе биде двојно намален.
ХАЛИФА ИНТЕРНЕЈШНЕЛ (ДОХА)
Отворен: 1976-та (реконструкцијата била завршена во мај 2017-та)
Капацитет: 40.000 гледачи
Натпревари: 6 меча од групна фаза, 1 натпревар од 1/8 финале, меч за трето место
На овој убав стадион ќе играат: Англија - Иран, Германија - Јапонија, Холандија - Еквадор, Хрватска - Канада, Еквадор - Сенегал, Јапонија - Шпанија, дуел од 1/8 финале и меч за трето место.
Еден од најстарите стадиони во Катар. Изграден во 1976-та и реконструиран во 2017-та.
На оваа арена се играше и финалето на Светското клупско првенство во кое Ливерпул го освои трофејот. Внатре во стадионот има зони за заштита од невреме и одлична контрола на климата со најмодерни технологии на климатизирање.
СТАДИОН 974
Отворен: ноември 2021-ва
Капацитет: 40.000 гледачи (после Светското ќе го демонтираат цел)
Натпревари: 6 меча од групна фаза, 1 меч од 1/8 финале.
На овој крајно интересен стадион направен од контејнери ќе играат: Мексико - Полска, Португалија - Гана, Франција - Данска, Бразил - Швајцарија, Полска - Аргентина, Србија - Швајцарија.
Прв стадион на светот во целост изграден од тешки контејнери. 974 е меѓународниот повикувачки број за Катар и број на контејнери искористи за изградба на овој практично „монтажен“ стадион. Внатре има трговски центар, тоалети и други инфраструктурни објекти. Арената ја викаат и Рас бу Абуд. Властите во Катар и од овој стадион ќе извадат делови после Светското кои ќе ги донираат по светот.