Единствени легионери од своите земји во историјата на шпанска Ла Лига

Во најдобрата шпанска лига играле фудбалери речиси од целиот свет. Има земји кои дале по еден единствен легионер во Примера. Македонци кои играа или играат таму се:

Благоја Китановски, Мирко Петров, Драган Канатларовски - Цапар, Илија Најдовски, Столе Димитриевски, Александар Трајковски. Едно време за Барселона Б и Реал Мадрид Б настапуваа браќата Давид и Дорјан Бабунски, сегашни репрезентативци на Македонија.

Играчи кои биле единствени претставници на своите земји во Ла Лига во историјата се:

ЖОРДИ АМАТ, Индонезија

Позиција: стопер, настапи во Ла Лига во 2010-2013, 2017-2019 (Еспањол, Рајо Ваљекано, Реал Бетис, 123 натпревари, 1 гол)

Иако е роден во Шпанија, Жорди Амат пред крајот на својата кариера отишил во егзотичната азиска земја и бил натурализиран од тамошната федерација на Индонезија да игра за нив.

Тој е роден во Барселона, почнал да тренира фудбал во Еспањол со кој и дебитирал во сениорски фудбал. Паралелно играл и за младинските селекции на Шпанија. Во 2012/2013 бил стандарден првотимец на Рајо Ваљекано.

Подоцна преминал во велшки Свонси за 2,9 милиони евра. Неколку сезони играл во англиска Премиер лига.

Се вратил во Шпанија а подоцна настапил за репрезентацијата на Индонезија. Се испоставило дека еден од неговите предци бил роден на еден од тамошните острови, Сиау па затоа стекнал право да игра за Индонезија.

Станал првиот „Индонезиец“ кој играл во шпанска Ла Лига. Тој сега има 32 години и уште игра за малезискиот клуб Џохор.

ХЕНОК ГОЈТОМ, Еритреја

Позиција: центарфор. Години на настап во Ла Лига: 2017-2011, 2016 (Реал Мурсија, Реал Ваљадолид, Алмерија, Хетафе, 109 меча, 14 гола)

Овој фудбалер голем дел од својата кариера поминал во Шведска и дури настапил за младински категории на репрезентацијата на оваа земја. Едно време играл и во Италија, а во Шпанија бил посупешен. Во 2005-та го носел дресот на второлигаш, а во 2007-ма година за 3 милиони евра направил трансфер во Реал Мурсија. После отишол на позајмица во Ваљадолид каде дал 10 гола и помогнал во пласманот во Ла Лига.

Патот го одвел во Алмерија но во 2011/2012 испаднале во втора лига. Потоа се вратил во Шведска, во АИК, а во 2015/2016 потпишал со Хетафе и две години играл во Ла лига.

Сега има 39 години и е помошник тренер во АИК.

ХОРХЕ „ЕЛ МАХИКО“ ГОНЗАЛЕС, Ел Салвадор

Позиција: центарфор. Години на настап во Ла Лига: 1983-1990 (Кадиз, Реал Ваљадолид, 92 меча, 27 гола)

Роден во 1958-ма, Гонзалес постариот до 1982-ра играл во клубови од својата родна земја, а потоа шпански Кадиз за него платил во тоа време големи 42.000 евра.

За жолто-сините Хорхе играл цели осум години (со исклучок на една сезона кога бил во Реал Ваљадолид). Во тие години тој бил еден од лидерите на тимот а дури и Марадона се восхитувал на неговите игри. Тој бил и останал единствен фудбалер од Ел Салвадор кој играл во шпанска Ла Лига. Во 1991-ва се вратил дома и фудбалот го играл до 1998-ма кога прекинал.

Неговиот син Чус Гонзалес две години бил во структурата на Кадиз но не успеал да се пробие до прв тим и сега игра дома во Ел Салвадор.

А нашиот јунак има 66 години и надвор е од фудбалот.

МОХАМЕД ЧИТЕ, Бурунди

Позиција: центарфор. Години на настап во Ла Лига: 2007-2010 (Расинг Сантандер, 88 меча, 25 гола)

Уште еден фудбалер со филмска историја. Меме Чите е роден во Бурунди иако неговите родители се од Руанда и Демократска Република Конго. Тој можел да настапува за која било од овие земји а на крај се решил за земјата во која се родил.

Но за репрезентацијата не забележал ниту минута. Клупската кариера ја почнал во Бурунди, а му продолжила во Руанда. Како и многу други фудбалери од Централна и Источна Африка, фудбалскиот пат го продолжил во Белгија, поточно во Стандард и Андерлехт каде останал до 2007-ма (за Бриселците дал 20 голови во последната сезона).

Шпанскиот период му почнал во летото 2007-ма кога Расинг го урнал својот трансфер рекорд кој го држи до ден-денес кога го потпишал Африканецот за 7,50 милиони евра.

Мохамед Меме Чите во Ла Лига постигнал по седум гола во секоја сезона. Во летото 2010-та се вратил во Стандард Лиеж за 4 милиони евра, а 2 години подоцна потпишал во Клуб Бриж за 1,5 милиони евра. Неколку години бил во Романија и во некои белгиски нисколигаши а кариерата ја завршил во 2022-ра.

ЕДУАРДО ОРДОЊЕЗ, Порторико

Позиција: среден ред. Години на настап во Ла Лига 1927-1935 (Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, 37 меча, 3 гола)

Еден од ретките во историјата кои играле и за Реал и за Атлетико Мадрид. Едуардо Ордоњез е роден во Порторико но е етнички Шпанец. Тој во 1927-ма се вратил во земјата на своите предци и дебитирал за големиот Реал Мадрид. Подоцна преминал во Атлетико Мадрид.

Во 1932/1933 освоил шампионска титула со „ркралевите“ а кариерата во 1935-та ја завршил како играч на Атлетико Мадрид.

МАРИО ИНЧАУСТИ, Куба

Позиција: голман. Години на настап во Ла Лига: 1935-1936, 1939-1942 (Реал Сарагоса, Реал Бетис, Реал Мадрид, 21 меч)

Уште еден играч кој играл во шпанска Ла Лига пред Втората Светска војна. Единствен во историјата на најдобриот шпански фудбал кој дошол од Куба. Во Европа пристигнал во 1935-та година.

Бранел за Реал Сарагоса една сезона, после три години играл за пониски лигаши како што тогаш бил Депортиво Алавес.

Марио бил етнички Баскиец, но никогаш не настапувал за тимови од тој регион. За време на граѓанската војна во Шпанија фудбалот бил очекувано прекинат но од 1939-та Инчаусти повторно бранел за Сарагоса.

После бил во Реал Бетис и Реал Мадрид а тимот од Севиља за него платил сума во денешни рамки од 300 евра.

Кариерата ја завршил во 1942-ра а живеел до 2006-та година.

Покрај нив, единствени легионери од своите земји кои ја почуствувале Ла Лига до ден-денес се уште и: Тино Кадевере (Зимбабве), Марис Верпаковскис (Летонија), Вилфред Далма (Сен Мартен), Акрам Афиф (Катар), Мидо (Египет), Ајхам Усу (Сирија), Тирасил Дангда (Тајланд), Карл Јакоб Хејн (Естонија), Азрак Махмат (Чад), Франсиско Мвепу (Замбија), Омар Фараџ (Палестина), Џоел Џонсон (Либерија), Мануел Хозе Имоси (Гибралтар),

13 септември 2024 - 11:51