Дунга го враќа образот на Бразил

Поранешниот селектор на Бразил повторно се враќа на клупата на Селекао. Од 2006 до 2010 го водеше Бразил, никогаш не стигна до полуфинале, но и никогаш не загуби 7-1.

Според пишувањата на „Газета дело спорт“, Карлос Каетано Бледорн Вери (51), познат како Дунга денеска во 16 часот ќе биде назначен за нов селектор на Бразилската фудбалска репрезентација.

Иако доживеа неуспех при првото раководење со Бразил на СП во Јужна Африка 2010 година кога кариоките испаднаа во 1/4 финалето, Дунга е човекот кој ќе треба да ја среди ситуацијата во репрезентацијата по дебаклот на домашно тло.

Бразилската јавност често ја оспоруваше неговата техничко-тактичка спремност како селектор, пред сè додевниот фудбал кој не е својствен за една Јужно - американска селекција. Сепак, после седумте парчиња од Германија, Бразилците ставија прст на чело.

Во претходниот мандат, Дунга го водеше Бразил на 60 натпревари (42 победи, 12 нерешни и 6 порази). Од 2006 до 2010 освои Куп на Америка (2007) и еден Куп на Конфедерации (2009). За разлика од Сколари, Дунга имаше доверба во група од 40 играчи.

Негов омилен бомбардер беше Луис Фабијано (22 гола на 33 натпревари за Бразил), а најредовен во составот беше деструктивецот Жилберто Силва.

Дунга првата прозивка ќе ја има во септември, пред турнејата на Бразил во САД каде ќе одигра пријателски средби против Еквадор и Колумбија.

Тој ќе има тешка задача да го обели Бразилскиот образ кој сè уште гори по дебаклот на Мундијалот на кој аналитичарите и обложувалниците го сметаа Бразил за најголем фаворит.

Како фудбалер, Дунга беше член на златната генерација со Ромарио, Бебето, Алдаир, Кафу, Тафарел, со која го освои СП во САД 1994 година.

После нерешениот исход во финалето против Италија, одлучувачкиот пенал го промаши Роберто Баџо и Бразил стигна до четвртото злато на Мундијалите.

22 јули 2014 - 09:30