Хавиер Занети играше 19 сезони за Интер и одигра на 858 мечеви. Пред два дена во Милано, во чест на ЕКСПО тој организираше хуманитарен меч на кој дресот со број 4 замина во историјата. Легендарниот аргентински фудбалер му подари дрес и на Папата Франческо.
Џачинто Факети настапуваше за Интер во периодот меѓу 1960 и 1978 година и во пензија замина по 634 настапи. Неговиот дрес со број 3 беше повлечен кога почина во септември 2006 година. Легендарниот бек освои 4 Скудета, Куп на Италија и по два пати Лига на шампиони и Интерконтинентален куп.
Франко Барези мина 20 сезони на Сан Сиро за кои одигра 719 мечеви за Милан. Со фудбалот се збогуваше во 1997 година и тогаш Милан за прв повлече дрес од употреба. Барази 15 сезони беше капитен, а со историската 6-ка освои 6 Скудета, 3 европски титули...
Паоло Малдини со бројот 3 одигра 25 сезони во Милан и си замина со 26 трофеи. Беше капитен од 1997 до 2009 година, а неговиот дрес не е целосно повлечен. Тој посакува во иднина да го облече еден од неговите синови, доколку заигра во Милан.
Легендарниот италијански напаѓач Роберто Баџо последните 4 сезони со 10-та ги одигра во Бреша каде на 101 меч постигна 46 голови. Неговиот последен меч во кариерата е мечот Милан – Бреша кој се одигра на 16 мај, 2004 година.
Една друга славна 10-ка во Италија, носеше вечниот миленик на Наполитанците, Диего Армандо Марадона од 1984 до 1991 година. Тој освои 2 Скудета и Куп на УЕФА, а клубот му ја направи најголемата чест во 2006-та. Претходно таа бројка Наполи ја користеше само во 2004-та кога клубот играше во трета лига.
Џиџи Рива е легенда на Каљари кој играше од 1962 до 1976 година. На Скудето се радуваше во 1970-та, а дресот со број 11 беше повлечен во 2005-та кога на Сардинија се одигра меч меѓу италија и Русија.
Бразилецот Алдеир 13 сезони за Рома го носеше дресот со број 6. Скудетото го освои во 2001-ва, а по две години 6-та беше повлечена. Од лани, по негово барање дресот повторно може да се користи, а сезонава го носи Кевин Струтман.
Џенова реши да повлече два дреса од употреба, а тоа се броевите 6 и 7. Првиот го носеше Марко Роси кој се пензионираше пред две години, а на клубот му помогна од Серија Ц да стигне до Европа. Другиот е повлечен во чест на Џанлука Сињорини, кој почина на 42 години.
Дресот со број 25 го повлекоа две италијански екипи поради смртта од срцев удар на Пјермарио Моризини. Тоа го сторија Ливорно и Виченца, а трагедијата се случи на 14 април 2012 година за време на мечот меѓу Пескара и Ливорно.