Драматичната разврска за титулата во Холандија

Фудбалерите на Ајакс и ПСВ се актерите кои го донесоа највозбудливиот финиш оваа сезона во однос на решавањето на титула во европскиот фудбал. Виновен за тоа е тимот од Амстердам кој киксна против екипа која е веќе во втора лига. 

Во последното коло Ајакс и ПСВ влегоа со по 81 бод, но поради подобрата гол разлика поголеми шанси за титулата имаше тимот од Амстердам кој само требаше да слави против веќе испаднатиот Де Графшап.

Но финишот мина во стрес и за едните и за другите навивачи. ПСВ ги обезбеди планираните 3 бода на гостувањето против Цволе, а потоа сите на стадион слушаа  радио пренос за да чујат што се случува со Ајакс.

Франк де Бур се надеваше дека ќе стане првиот тренер кој ќе стигне до пет титули во рок од шест сезони, бидејќи со Ајакс го освои холандскиот шампионат во 2011, 2012, 2013 и 2014-та, но неговите фудбалери разочараа во најважниот меч од сезоната и ремизираа 1:1.

Славјето се префрли кај составот на Филип Коку кој две години по ред е првак со ПСВ кој стигна до 23-та титула во својата историја. 

8 мај 2016 - 20:13