По синоќешниот триумф во Европскиот Супер Куп, доминантниот тим на Барселона има точно 50% учинок во однос на успешноста на освоени трофеи. Тука влегуваат Примера, Лига на шампиони, Копа дел Реј, шпански Супер Куп, Европски Супер Куп и Светско клупско првенство.
До крајот на 2015-та, Барселона има можност да стигне до 22 трофеи освоени во период од седум години. На 14 и 17 август има двомеч против Атлетик Билбао во Супер Купот на Шпанија, а во декември настапува на Светското клупско првенство.
Оваа доминација од 2009 година почна со титулата во Примера, а тоа беше само еден од шесте трофеи кои ги освои таа година. Актуелни играчи од тогаш се Меси, Иниеста, Пике, Педро и Бускетс.
Најголема доминација демонстрираа во домашниот шампионат каде се радуваа пет од седум пати. Во однос на нивниот ривал Реал Мадрид тие водат 20:7 во трофеи освоени од 2009 до 2015 година.
Тимот кој некои го сметаа за најсилен во модерната фудбалска ера, со триумфот над Јувентус во мај оваа година стигна до петтиот трофеј во Лигата на шампионите, а сите пет ги осви во последните 25 години.
Со синоќешната победа над Севиља, Барселона стана рекордер во Европа со 19 меѓународни трофеи, поминувајќи ги Реал Мадрид и Милан кои имаат еден помалку.
Во светски рамки на прво место по бројот на меѓународни трофеи е Ал Ахли од Египет кој има вкупно 24.