Дваесет и две годишниот Србин премина летово во Олимпијакос, кој иако го откупи неговиот договор уште во 2018-та година од српскиот второлигаш Динамо Врање, минатата сезона реши да го прати на позајмица во Раднички Ниш.
Ранѓеловиќ е роден во селото Пертате на југот од Србија, место на 15 минути со кола од Лесковац. Од 7 до 18 години Лазар секој ден одел во школо и на тренинг до каде стигнувал со велосипед, со автобус или со брат му Лука со кола.
До 2017 година Ранѓеловиќ играл во најниските лиги, а потоа дошол некој ранг погоре, во четвртата српска лига.
После една сезона во четврта лига, скаутите на Црвена звезда и Партизан биле алармирани дека во југот од земјата има некој голем талент. Интересот бил голем и поради фактот што Лазар важи за лево крило кое одлично игра и со десна нога.
Додека двата најголеми клуба од Белград се тркале кој ќе го доведе Лазар во своите редови, на адресата на семејството Ранѓеловиќ стигнал повик од гигантот Олимпијакос.
„Цело лето таа година размислував каде да одам, дали во Звезда дали во Партизан. Кога се јави Олимпијакос престанав да размислувам“.
Лазар добил четиригодишен договор од кој веќе една година помина на позајмица во Ниш.
„На почеток не можев да му поверувам на менаџерот кога ми кажа дека Олимпијакос ме бара. Ми требаше време да се соземам, да сфатам дека после шест кола во српската лига мене ме бара Олимпијакос. Поверував дури кога стигнавме во Атина на потпис“, раскажал талентот.
Ранѓеловиќ добил повик и за У21 репрезентацијата на Србија за европското првенство. Наскоро се очекува да добие повик и за сениорскиот состав.
Кај тренерот на Олимпијакос најчесто е на клупата за резерви, а така беше и синоќа во најважниот меч на сезоната за грчкиот тим. Но Лазар влезе во игра во 75’ минута и во рок од 10 минути постигна два прекрасни гола.
Црвено-белите од Пиреја славеа 4-0 и пред реваншот со Краснодар во Русија речиси сигурно се учесници во групната фаза од Лига на шампиони.