Уште при тренерската смена во Сандерленд Паоло Ди Канио го обвини Мартин Онил дека му оставил играчи со слаба физичка подготвеност, а одговорот на тоа од него стигна по дури шест месеци кога пред неколку дена рече за Италијанецот дека бил тренер шарлатан кој давал конфузни изјави во јавноста.
„Не знам дали тој воопшто знае што значи зборот шарлатан. Најверојатно јас ќе треба да го научам иако не сум Англичанец. Шарлатан е тренер кој троши 40 милиони фунти за да го однесе тимот помеѓу првите 10 на табелата, а потоа се бори за опстанок. Го почитувам мислењето на Онил, но фактот што тој ми одговара после толку долго време говори за неговото ниво", одговара Ди Канио.
Тој се наврати и на здраствената состојба на неколку играчи на Сандерленд кои ги имал на располагање веднаш кога пристигнал.
„Имаше фудбалери кои ми рекоа дека имаат грчеви од возење кола. Тројца од нив си ги повредија палците по само 20 минути од натпреварот, а шест други играчи имаа разни проблеми. Тоа е доволен показател дека не биле фит за да настапат", објаснува италијанскиот стратег.
Ди Канио го спомена и срамиот случај со Фил Бардсли кој го обвини за предавство затоа што добил пари за да игра лошо, а потоа поразот од Фулам го прославил со натписи на социјалните мрежи.