Мартин има подуени образи и гума околу половината. Иако е фино момче, тој ни случајно не наликува на фудбалер, туку повеќе на барокен ангел, ја почнува својата сторија idnes.cz.
Се работи за чешка приказна во третолигашка конкуренција, каде клубот Виагем Усти добил непристојна и необична понуда, а тоа е спонзорство за клубот од бизнисмен од 500.000 круни (20.000 евра), но под услов да игра син му, барем десетина минута.
Клубот прифатил, а претседателот на клубот Премисл Кубањ излегол со следново соопштение во врска со „новото засилување“.
„Не играл никогаш фудбал. Од тоа што знам само на ФИФА. Од друга страна, не е дека половина милиони луѓе се тркалаат на терен. И друг ако ми даде пари, ќе му дозволам да ни се придружи,“ рече целосно искрениот претседател кој летово го купил третолигашот за 160.000 евра.
Ветил фудбалска треска во градот, подарил 1.000 бесплатни сезонски карти, а за модератор и репортер ја ангажирал вице мисицата на Чешка, Валерија Херианова.
Клубот дури објави и видео во врска со понудата на таткото на Мартин на кое Кубањ разговара со двајцата директори и бара навивачите да гласаат дали се за или против спонзорство од 500.000 круни за 10 минути игра на буцкото.
„Ќе водиме 3:0, ќе го ставиме 10 минути во напад, а потоа ќе го замениме. Ќе доаѓа на тренинзи и ќе се спрема. Ако неговиот татко е толку будала што ќе ни даде 500.000 круни за 10 минути. Епа извинете ама немаме спонзори“, вели Кубањ.