Колку фудбалери знаете кои се дрзнале да ја одбијат Барселона? Веројатно ги има двајца без тројца нели? Дарио Срна е еден од нив, можеби е единствен, можеби не, но во време на нереални понуди кои фрчат од големите европски клубови, како и од кинескиот рај за млатење пари, тој покажа нешто што се вика верност.
Хрватот го послуша срцето кое му рече остани во Шахтјор Доњецк и ја одби Барселона, екипа која во јануари годинава го побара на 35 години за да ја исполни десната бековска позиција. Срна го продолжи договорот и за следната сезона 2017/2018.
„Многу сум среќен, сакам да ја завршам кариерата во Шахтјор. Кога претседателот ми понуди нов договор, веднаш му се заблагодарив. Се сложив со сите услови. Веројатно ја знаете приказната со Барселона, но како што кажав моето срце е тука. По 14 години со нив, не се сметате за дел од клубот, туку станувате дел од фамилијата. Брзо ја донесов одлуката и кога зборувам со претседателот му реков дека ми е драго што потпишувам договорот и ми е драго што останувам тука. Чувствувам голема одговорност кон него, клубот и навивачите. Ќе дадам се од себе“.
Тој можеби е единствениот фудбалер кој покажал верност на ваков начин со ваква изјава:
„Му реков на претседателот дека посреќен ќе бидам да ја освојам титулата во домашното првенство со Шахтјор, отколку да освојам Лига на шампиони со Барселона. Последен пат станавме шампиони во 2014-та, затоа домашното првенство ни е многу важно и клубот оди на 10-та титула. Сакам да ја освојам повеќе од сè и да им ја посветам на сите навивачи на Шахтјор, како и на претседателот. Ја заслужуваат“, изјави Срна.
Откако во 2003-та година направи трансфер од Хајдук во Шахтјор, Срна освои 8 од вкупно 9 титули кои ги има освоено клубот, а има и 6 Купови, 7 Супер Купови, како и Куп на УЕФА во 2008/2009.
Дека по три години титулата од украинското првенство ќе се врати во Доњецк нема дилеми, Шахтјор му бега на Динамо Киев 14 бода.
Потегов и изјавата на Срна ќе служат за пример дека некои играчи фудбалот го играат од срце, а не за пари.