Мајсториите на Колумбиецот Хамес Родригез, неверојатните контри на Робен, жестоките дуели на Маскерано се само некои од фактите на кои ФИФА би требало да даде одговор по спорната одлука за најдобар играч на првенството да го прогласи Лионел Меси.
Kако капитен на „гаучосите“, Меси постигна 4 гола и беше еден од најзаслужните за големиот пласман во финалето, но дилемата останува, имаше и покорисни играчи.
Ако се има предвид дека наградата му следува на најкорисниот фудбалер, тогаш повеќе од сигурно е дека соиграчот на Меси, Хавиер Маскерано заслужи да ја добие. Со срце влегуваше во секој дуел, машки ставаше глава таму каде некој ниту со трактор не би тргнал, а неброено пати ги „крпеше“ дупките што Демикелис и Гарај ги оставаа.
Не треба да се заборави дека во полуфиналниот дуел против Холандија, Маскерано со лизгачки старт спаси чист гол по обидот на Робен во продолженијата.
„Поразов ќе ми остане најголема болка во животот. Сакавме да го донесеме трофејот во Аргентина, но тоа е што е. Дадовме се' од себе и треба да заминеме со крената глава“ - изјави Маскерано, после поразот во финалето.
Често излегуваше крвав од теренот, а во полуфиналето заработи и потрес на мозокот, по што на многумина им покажа како се игра за својата земја. Ништо понезаслужено ќе беше доколку и Лам или Швајнштајгер ја понесоа наградата најдобар играч. Сепак, ФИФА во одлучувањето веројатно размислувала и на утешна награда за Меси, а и на спонзорите.
На следното Светско првенство во Русија 2018 Меси ќе има 31 година и нема да биде предоцна за него во Буенос Аирес да го донесе трофејот кој недостига уште од 1986. година кога последен пат го освои Марадона.